Распределени преостанатите корпи за селектиран комунален отпад во Охрид


 Во рамки на активностите што се основа на Регионалниот систем за управување со отпад (РСУО) денеска во Охрид е финализирана иницијативата за селекција на отпад, како значаен чекор напред во градењето на одржлив систем за управување со отпадот во Северна Македонија.

Комплетирањето на иницијативата беше заокружено со дистрибуција на преостанатите 120-литарски садови за депонирање селектиран отпад од пластика и хартија, од страна на претставници на Општина Охрид, на ЈП „Охридски комуналец“, како и на граѓанската иницијатива „Збогум Буково“.

Притоа беше нагласено дека  одржливите практики во третманот на комуналниот отпад бележат најдобри резултати кога започнуваат на ниво на заедницата, со активна вклученост и придонес на самите граѓани. Оттаму, инвестирањето во одржливо управување со отпад не е само еколошка потреба — тоа е чекор напред кон подобро јавно здравје, почиста животна средина но и кон поголема ангажираност на сите засегнати страни.

Денешното финализирање на активностите покажува дека позитивни промени се можни кога институциите и граѓаните дејствуваат заедно.

Акцијата е спроведена како дел од проектот „Одржливо управување со отпад на локално ниво”, поддржан од Шведска, имплементиран од „SALAR International“.