Расправата за Уставот ќе почне на 18 август, кога ќе се гласа не се знае, вели Џафери

Претседателот на Собранието Талат Џафери во интервју за МИА вели дека седницата за уставни измени почнува на 18 август, а дебатата треба да заврши на 31 август. Но гласањето може да биде одложено, а ако нема услови воопшто и да не се случи.
„Седницата на 18 август ќе се отвори и ќе се усвои дневниот ред како што е постапката, затоа е потребно присуството од 61 пратеник, а гласање минимум една третина од вкупниот број. Тоа е општ принцип и според процедурата се отвора дебата. Што ќе биде, како ќе биде не можам да кажам сега оти не можам да предвидам. Но, обврска ми е да имам испланирано десет работни дена да може да работи Собранието доколку има пријавено за збор за толку. Десеттиот ден завршува дебатата без оглед дали останале уште говорници или не“, појаснува Џафери.
Доколку нема двотретинско мнозинство гласањето може да биде одложено, но и дека тоа може и да не се случи, со што постапката за уставни измени завршува.
Џафери вели дека Собранието е на добар пат до крајот на мандатот да се усвојат измените во Деловникот. „Тргнувајќи од динамиката на меѓупартиската комуникација на добар пат сме до крај на овој мандат да имаме соодветен нов деловник којшто би се применил од наредниот мандат. Јас го трошам вториот мандат во обидот да ги аргументирам сите овие работи заедно со колегите од другите политички партии, односно пратеничките групи во соработка со Европскиот парламент. Сметам дека дојдовме до соодветни решенија коишто ќе бидат усвоени во Собранието и од наредниот мандат да можеме да сметаме на нов деловник којшто ќе биде попрецизе“, вели тој.