Распишан конкурсот за поетската награда „Млада Струга“ на СВП и Делегацијата на ЕУ


 Фестивалот „Струшки вечери на поезијата“ (СВП), во соработка со Јуроп Хаус и со поддршка на Делегацијата на Европската унија во Северна Македонија распиша конкурс за поетската награда „Млада Струга“ 2025 за најдобра необјавена поетска збирка од млад автор-дебитант.

На конкурсот, како што соопштија Струшките вечери на поезијата, може да учествуваат автори на возраст од 18 години до 30 години, државјани на Република Северна Македонија. Пријава може да поднесе исклучиво авторот и еден автор може да учествува само со една необјавена поетска збирка.

– За дебитант се смета автор што нема објавено поетска збирка како публикација (во книжен или електронски облик) со ISBN број. Објавите на поединечни песни во книжевни часописи, застапеноста во поетски избори и антологии, учеството на поетски фестивали, како и објавата на буклети што не се регистрирани како публикации не го нарушуваат статусот на дебитант. Иако овие објави се сметаат за пожелни, не го фаворизираат авторот, ниту ги дисквалификуваат авторите што ги немаат горенаведените објави, стои во конкурост на СВП.

Минималниот обем на необјавената поетска збирка, како што е наведено, е 500 стихови, а максималниот 1.000 стихови.

Конкурсот трае заклучно со 30 април 2025 година, до кога сите пријави и необјавени поетски збирки треба да пристигнат на поштенската адреса на Струшките вечери на поезијата, како и во електронска форма, според условите. Пријавените необјавени поетски збирки ќе ги разгледува три члена жири-комисија, а добитникот на наградата ќе биде објавен на 10 јуни 2025 година. Наградата вклучува плакета, паричен износ и објавување на печатена публикација во склоп на изданијата на СВП.

– Кандидатите треба да испратат во затворен плик три печатени копии од необјавената поетска збирка со која конкурираат за наградата, отпечатена еднострано во А4 формат со големина на фонт 12 и со назнака „За конкурсот за поетската награда Млада Струга 2025“ на адреса: НУ Манифестација„Струшки вечери на поезијата“, поштенски фах 111, „Браќа Миладиновци“ бр.5, 6330 Струга, стои во конкурсот.

Во истиот затворен плик треба да испратат и кратка био-библиографска белешка (најмногу една страница А4 формат, односно 1.800 карактери со празни места). Освен печатените копии од необјавената поетска збирка и био-библиографската белешка, пријавата треба да се поднесе и во електронска верзија на адресата на СВП: [email protected] (заради дополнителна сигурност, потребните документи треба да се пратат и на [email protected])

Книги од сродници од прв и од втор степен на членовите на управниот одбор и директорот на СВП, на редовно вработените или на членовите на жири-комисијата нема да бидат прифатени.