Расказот „Мизенабим“ најдобар на конкурсот за наградата „Живко Чинго“


Расказот со наслов „Мизенабим” на авторот под шифра „Кибела”е избран за најдобар на годинашниот конкурс распишан во чест на охридскиот писател и раскажувач Живко Чинго.

На конкурсот што секоја година го распишува Општина Охрид биле доставени вкупно 69 раскази.

Жири-комисијата во состав Димитар Пандев, Бранко Цветкоски и Зоран Јаќимоски за победничкиот расказ „Мизенабим“ истакнува дека се одликува со извонредна техника на раскажување што се засновува врз едно очигледно длабоко и темелно познавање на високите врвови на светската проза и на теоријата на прозата и притоа не изостанува авторската умешност лесно да ги хармонизира пристапите на некои великани со неговото лично авторско проседе.

Авторот на наградениот расказ треба најдоцна до овој понеделник да се јави во Одделението за култура при Општина Охрид, и да го докажае авторството со четвртиот примерок од литературното дело.

Наградата на авторот ќе му биде врачена на традиционалната манифестација „Вечер на Живко Чинго“ што секој 13-ти август се одржува во село Велгошти.