„Рапсодија“ со шведската виолинистка Ава Бахари и диригентката Бар Авни во Филхармонија
„Рапсодија“ е насловен концертот на Македонската филхармонија кој ќе се одржи в четврток во 20 часот на кој како солистка ќе настапи виолинистката Ава Бахари од Шведска, а диригентка е Бар Авни од Израел.
На програмата се Симфониска поема „Златното вретено“, оп. 109 од Антонин Дврожак, Поема за виолина и оркестар, оп. 25 од Ернест Шосон, Рапсодија за виолина и оркестар од Морис Равел и „Кармен суита“ од Бизе-Шчедрин.
Диригентката Бар Авни (1989, Израел) е добитничка на Првата награда на натпреварот „Ла Маестра“ во Париз, во 2024 година, награда која ѝ беше доделена од страна на престижно жири предводено од влијателната Натали Штуцман. Маестра Авни ги освои и дополнителните награди, вклучувајќи ги и Наградата на оркестарот, „Арте“, „Ехо“… Ова подразбира дека во наредните две години, таа ќе биде стипендистка на Академијата „Ла Маестра“, а по натпреварот за неа веќе се пројави огромен интерес за нејзината диригентска работа, односно покани да диригира со бројни светски оркестри. Ја опишуваат како диригентка со вешта и креативна програмска концепција и јасен и елегантен стил на диригирање. Во моментов, маестра Авни е главен диригент на Филхармонијата Бајер, позиција на којашто е од 2021 година, како прва жена диригент во 120- годишната историја на оркестарот.
Опишана од The Strad како „значаен нов талент“, Ава Бахари е високо остварена шведска виолинистка со свеж и посебен пристап кон репертоарот. Добитничка е на бројни награди, меѓу кои први награди на меѓународните натпревари Premio Paganini во Џенова (2021), Concours International Tibor Varga во Сион (2021) и Aurora Music Competition во Стокхолм (2019). Во сезоните 2024/25 и 2025/26, Бахари е резидент-уметник на Гетеборшкиот симфониски оркестар. Таа ја отвори сезоната 24/25 заедно со главниот диригент Санту-Матиас Рували, изведувајќи го Концертот за виолина од Стравински, а во пролетта 2025 година повторно ќе настапи со Рували, изведувајќи го Концертот за виолина од Сибелиус. Во текот на сезоната 24/25, Бахари за првпат соработува со Хелсиншката филхармонија, BBC Шкотскиот симфониски оркестар, Исландскиот симфониски оркестар, BBC Националниот оркестар на Велс, Хелсингборшкиот симфониски оркестар, а го има и своето јапонско концертно деби со Токискиот симфониски оркестар под водство на музичкиот директор Џонатан Нот, со изведба на Концертот за виолина од Шенберг. Како посветен камерен музичар, Бахари настапувала на реномирани фестивали, а во рамки на нејзината двосезонска резиденција со Гетеборшкиот симфониски оркестар, таа соработува со членови на оркестарот за реализација на два камерни концерта. Во пролетта 2024 година, Бахари ја доби дипломата концерт-мастер (Konzertexamen) на Високата школа за музика „Ханс Ајслер“ во Берлин, надополнувајќи ги претходните дипломски и магистерски студии под менторство на професор Колја Блахер. Во 2021 година го завршила своето образование на Академијата „Стауфер“ во Кремона, Италија. Бахари свири на виолина „антонио страдивариус“, изработена во Кремона во 1694 година, која ѝ е позајмена од Фондот ASAF.
