Рама: Препораката од ЕК е потврда дека Албанија успешно ја заврши домашната задача
По објавувањето на годишниот извештај на Европската комисија, со кој се препорачува безусловен почеток на преговорите за членство во ЕУ на Албанија и Северна Македонија, реагираше албанскиот премиер Еди Рама, оценувајќи дека тоа е потврда оти Тирана „успешно ја завршила својата домашна задача“.
– Безусловната позитивна препорака на Европската комисија за официјално започнување на преговорите за членство на Албанија во Европската унија, потврдува дека Албанија успешно ја заврши домашната задача во овој процес, напиша Рама на Твитер.
Реагираше и поранешниот албански министер за Европа и надворешни работи Дитмир Бушати, кој на Твитер напиша дека препораката доаѓа по постигнатиот напредок и одобрениот календар од јуни минатата година.
Одлуката на Еврокомисијата тој ја оцени како одлична вест за земјата и за довербата во процесот за проширување на Унијата.
– Европската комисија ја повторува препорака до Советот за почеток на преговори со Албанија, врз основа на постигнатиот напредок и календарот усвоен во јуни 2018 година од страна на Советот. Голема вест за Албанија и довербата во процесот на проширување, оцени Бушати.
Веста за препораката, разбирливо, е главна вест во албанските медиуми, кои посебно го пренесуваат ставот на европскиот комесар за проширување и добрососедска политика Јоханес Хан дека „Албанија и Северна Македонија се позитивен пример на Балканот“.