Рама: „Отворен Балкан“ нема да запре и нема да се затвори
„Отворен Балкан“ се роди како идеја на тројца луѓе, а денеска е на сите граѓани и ќе биде се повеќе и повеќе на се поголем број луѓе, изјави денеска албанскиот премиер Еди Рама, по потпишувањето на Договорот за заемно признавање дипломи од високообразовни институции меѓу Северна Македонија, Албанија и Србија.
Рама, изрази благодарност, што денеска во Охрид се петмина, без разлика на поранешните воздржувања, нагласувајќи дека тоа претставува можност за дијалог и да се добие најдоброто можно во функција на заедничкото добро.
– Би сакал да бевме шестмина и сакам да бидеме шестмина, но една работа е сигурна. „Отворен Балкан“ им припаѓа на граѓаните, на државите, на иднината. „Отворен Балкан“ нема да запре и нема да се затвори. Ова е сигурна работа и кој ќе се спротивстави е осуден на неуспех и разочараност. Тој што се воздржува само губи драгоцен време за да придобие од оваа иницијатива, изјави Рама.
Ја знаеме, нагласи Рама, историјата на војување и вртење грб едни на други во регионот од пред 100 години, но нашите деца заслужуваат да имаат простор каде сите богатства, убавини и сите различности на регионот ќе биде основа за нивната благосостојба.
– За оние кои поставуваат прашања за влегувањето или излегувањето од „Отворен Балкан“. За среќа „Отворен Балкан“ не е ниту ОН, ниту ЕУ. „Отворен Балкан“ нема процес на зачленување. Тука не се зачленуваме, туку се интегрираме, според своја желба, изјави Рама.
Како што веќе е најавено, Рама посочи дека, ќе се формира заедничка работна група за справување со кризата и за конкретни решенија.
– Длабоката криза, која според сите прилики, уште ќе се продлабочи и го засега не само нашиот континент, туку целиот свет, бара издржливост и посветеност на секоја држава. Се што ние можеме да направиме е да го олесниме товарот на секоја од нашите држави, благодарение на соработката меѓу нашите држави, што е нешто исклучително потребно во овој момент, изјави Рама.
Поради ова, тој нагласи, дека заедничката група ќе започне веднаш со работа.
– Почнувајќи во јули, со една средба за соочување со предлозите на работната група, а потоа во септември во Белград, каде што ќе биде првото издание на Саемот за вино и храна на „Отворен Балкан“, каде ќе бидат повикани сите бизниси и граѓани, изјави Рама.
Следниот самит, рече тој, ќе биде за енергетската сигурност, кој ќе се одржи во Албанија.
– Се знае дека Албанија денес е многу важна точка за регионот во смисла на снабдување со електрична енергија, а од друга страна имаме многу можности да бидеме комплементарни едни со други поради различните извори на енергија. Потоа е за транспортното поврзување и за туризмот во Црна Гора, за да имаме што повеќе синергија, изјави Рама.
Слични пораки упати и српскиот лидер Александар Вучиќ.
-Имаме постигнато многу резултати, економски, имаме раст на трговската размена и политички немаме отворени билатерални прашања помеѓу Србија, Северна Македонија и Албанија, а некои од најтешките во нашата историја успеавме да ги решиме и тоа е нешто што донесе промени во изминатиот период, оцени Вучиќ.
– Денеска во Охрид, сакам на нашите домаќини, на браќата и сестри Македонци, да им кажам дека ние од Србија ништо не бараме, од никого, ниту од Северна Македонија, само сакаме да имаме братски и пријателски односи и на нас секогаш може да сметате, изјави Вучиќ, кој изрази благодарност до албанскиот премиер Еди Рама, поради истрајноста и посветеноста да продолжи со работата на „Отворен Балкан“.
Вучиќ оцени и дека сето она што денеска е потпишано ќе придонесе на развојот на односите на трите земји и дека е горд на сето она што досега е сработено во рамки на иниицјативата „Отворен Балкан“.
Тој најави скорешно одржување на видео конференција за продолжување на подготовките со цел експертите да се обединат и да ги пронајдат најдобрите решенија и излезот од кризата која и се заканува на Европа во претстојниот период.
Тој изрази задоволство што се разговара за сите отворени прашања и што се бара начин за подобар живот на луѓето, акцентирајќи дека сето ова нема веднаш да донесе резултати, но ќе биде видливо секој ден се повеќе и повеќе.
– Мораме да седнеме да разговараме како да ги упростиме процедурите за луѓето побрзо да ги менуваа границите, да имаме една наместо повеќе контроли и ќе продолжиме да работиме на тоа и намалување на бирократските процедури.
Одговарајќи на прашање на РТЦГ за тоа дали приклучувањето на Црна Гора во „Отворен Балкан“ ќе придонесе на екстрадицијата на поранешниот претседател на СР Југославија Светозар Маровиќ од Србија, Вучиќ рече дека е подготвен да разговара за сите прашања со црногорскиот премиер Дритан Абазовиќ и дека и Србија „има бројни прашања за црногорската страна“.
– Ние овде првенствено се занимаваме со прашања за слободно движење на луѓе и стоки, а не со инверзија на зборови отворени и затворени за да претставуваме првенствено партикуларни интереси. Немаме проблем да разговараме за кое било прашање. Мојот одговор може да биде, знаете колку ние барања имаме? Запрашајте се или само сакавте да покажете колку Србија е нефер кон Црна Гора, па секогаш го поставувате истото прашање, одговори Вучиќ, потенцирајќи дека Абазовиќ добил покана од српската премиерка Ана Брнабиќ да дојде во Белград пред крајот на месецот, што ќе биде можност да разговараат за билатерални прашања