Раководителите на „Битолски Монмартр“ на распит во полицијата за носењето деца кај бугарски политичари

Обвинителството во Битола официјално за „Независен“ потврди дека „предметот е распределен кај надлежен јавен обвинител и дадени се насоки да се извршат неопходните проверки“


Битолските деца кај претседателот Румен Радев на почетокот на јули 2023

 

БИТОЛА – Почнал распитот во битолската полиција за носење деца, членови на „Битолски Монмартр“, кај претседателот на Бугарија, Румен Радев и кај Симеон Втори, дознава „Независен“ од извори во истрагата. Децата, уметници, во два наврати во последната година беа фотографирани со политичарите и објавени во бугарски и македонски медиуми, без организаторите за тоа да имаат дозвола од родителите. Единствена дозвола од родителите, потпишана на нотар беше таа за преминување на македонско-бугарската границата. 

„Независен“, дознава дека на распит кај истражителите ќе се повикуваат лица поврзани со патувањата и активностите на ДЛС „Свети Кирил и Методиј“ Битола.  

ОЈО Битола (во јули годинава) прифати да ги проверува наводите за носењето на деца од „Битолски Монмартр“ кај бугарски политичари по известувањето на МВР и откако лично министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во Битола кажа дека „по известувањето до ОЈО веќе имаме предмет“.

Денеска, Обвинителството во Битола официјално за „Независен“ потврди дека „предметот е распределен кај надлежен јавен обвинител и дадени се насоки да се извршат неопходните проверки. Предистрагата е тајна“. Оттаму, на нашето прашање ниту потврдуваат, ниту демантираат дали на разговор се повикани и првите луѓе на „Мал битолски Монмартр“. 

Нашите извори велат дека во оваа фаза за случајот би се повикувале лица за да дадат определени сознанија за случувањата со носењето на деца кај бугарски политичари и нивното фотографирање и објавување во јавност, но не како осомничени за случајот, туку само во предистрага да дадат искази што ќе послужат доколку евентуално би се отворила главна истрага.

Претседателот на УО на „Битолски Монмартр“ Славчо Неделковски во телефонски разговор за „Независен“ негира дека тој и директорката Елена Хаџи Антоновска се повикани на каков било разговор во полиција, ниту пак знае за било какви дејствија на истражните органи поврзани со тоа.

„Прв пат слушам. Ниту некој нѐ викнал, ниту сме биле негде“, ни рече Неделковски. Кусо потоа на својот Фејсбук профил напишал статус каде меѓу другото навел дека „приказните доаѓаат со датумите“ и дека „утре Собранието почнува дебата за уставните измени па зошто малолетници не би биле фрлени во оган повторно“.

Предметот за „Битолски Монмартр“ е отворен по допрен глас, по пишувањата на „Независен“, а потоа и на другите медиуми и по бурните реакции во јавноста на Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ која анализирајќи го случајот  излезе со став дека децата членови на „Битолски Монмартр“ се искористени „како инструмент за политички цели, со изговор за развивање добрососедски односи“. Тимот на Првата детска амбасада за ваквите активности јавно го повика ОЈО да постапува наведувајќи каде е прекршено правото на детето, па наведе дека во овој случај има „инволвирање на децата од Македонија во политички кампањи во друга земја и неколкукратно прекршување на правата на децата согласно Конвенцијата за правата на детето.

На почетокот на јули 15 деца од Битола кои членуваат во ДЛС „Свети Кирил и Методиј“ од Битола беа во Софија, Бугарија на покана на (новиот финансиер на „Битолски Монмартр“) Фондацијата „Бугарска меморија“ на бугарскиот бизнисмен Милен Врабевски како дел од второто издание на „Мал Монмартр во Софија“. Тогаш тие беа примени во канцеларијата на претседателот Румен Радев. Едно од нив имаше девет години.

Родители од Битола во разговор за „Независен“ изјавија дека не потпишале никаква изјава за нивните деца да се сликаат со политичари во Бугарија, туку само документ заверен на нотар дека може да патуваат во соседната земја.