Ракетен напад од Газа врз јужниот дел на Израел, прогласена воена состојба
Сирените за воздушен напад се огласија рано утринава во јужен и централен Израел по ракетниот напад од Појасот Газа, изјавија очевидци. Израелските власти соопштија дека едно лице е убиено, а две други се ранети.
Одговорноста за нападот ја презеде Хамас. Израелската армија објави дека извршила воздушни напади врз Појасот Газа. Жителите на Појасот Газа изјавија дека слушнале вооружени судири во близина на градот Кан Јунис, покрај оградата што ја дели територијата од областа под израелска контрола, пренесе Ројтерс.
Израелската служба за итни случаи соопшти дека во јужниот дел на земјата на терен се испратени неколку екипи, а граѓаните биле предупредени да не ги напуштаат своите домови. Ројтерс јавува дека припадници на палестинските сили влегле на територијата на јужен Израел.

Израелската армија објави дека извршила воздушни напади врз Појасот Газа, два часа откако Хамас изврши изненаден ракетен напад врз Израел од таа територија.
Израел прогласи воена состојба како одговор на нападите.
„Одреден број терористи се инфилтрираа на израелска територија од Појасот Газа. Израелските одбранбени сили ќе ги бранат израелските цивили, а терористичката организација Хамас ќе плати висока цена за овие напади“, соопшти израелската армија.
Министерот за одбрана Јоав Галан најави мобилизација на резервисти, по ненадејниот напад на Хамас врз Израел, соопшти неговиот кабинет.
Бројот на резервисти кои ќе бидат повикани ќе зависи од потребите на армијата, пишува „Тајмс оф Израел“. Голем е бројот на жртвите откако терористите на Хамас се инфилтрираа во градот Сдерот на југот на земјата по ракетен напад, јавува израелскиот портал.
Не е познато колку терористи се инфилтрирале во земјата, а судирите се во тек.