Ракетата „супер хеви“ повторно експлодира при тестирањето: Што вели Маск?


„Спејс икс“ долго се подготвува за прв орбитален лет со „старшип“, но тој значаен чекор повторно може да биде одложен.

Бустерот „супер хеви“ дизајниран за „старшип“ експлодира на постројката на компанијата „Спејс икс“ која се наоѓа на Бок Чика во Тексас, а снимката од инцидентот се појави на социјалните мрежи. Бустерот се запали додека компанијата ги тестираше моторите, а како што пишува „Гизмодо“, актуелниот „супер хеви“ прототип, Бустер 7, содржи 33 раптор мотори од втората верзија.

Дирекоторот на компанијата Елон Маск рече дека ситуацијата не е добра и дека неговиот тим ја проценува штетата. Тој откри дека проблемот бил специфичен за ткн. спин старт тест за придвижување на моторите кој го спроведе „Спејс икс“.

„Рапторот има комплексна секвенца на движење. Во иднина нема да правиме спин старт тест со сите 33 мотори одеднаш“, изјави Маск.

Неколку прототипи на ракетата „старшип“ експлодираа претходно поради различни причини, а компанијата конечно успеа да ја изврши успешната секвенца на лансирање и слетување во мај 2021 година. Некои од бустерите експлодираа во текот на тестирањето на копно, додека другите се запалија откако „сташип“ веќе слета по пробниот лет.

Но, не се само експлозиите тие што придонесуваат за доцнење на тестниот орбитален лет, туку и дозволите. Федералната агенција за авијација константно ја одложува околинската проценка на лансирното место Бока Чика, а без таа дозвола компанијата не може да лансира. Агенцијата конечно даде финално одобрение во јуни.

Минатиот месец Маск рече дека „старшип“ ќе биде спремен за лет во јули, но овој инцидент веројатно ќе влијае на роковите. Сепак, потребно е да се направат анализи и да се проценат штетите, а потоа да се утврди дали и колку тоа ќе влијае на плановите за првиот орбитален лет.