Радев уверува: Не поставуваме нови услови за Скопје


Бугарија не поставува нови услови на патот на евроинтеграцијата на Македонија, но инсистира да се исполнат веќе презементи обврски во Преговарачката рамка, усвоена минатата година, вели бугарскиот претседател Румен Радев. Тој  уверува дека Софија најсилно ја посакува интеграцијата на Северна Македонија во Европската Унија, но дека претходно мора да ги спроведе преземените обврски.

– Прашањето за правата на Бугарите во Северна Македонија не е билатерално ниту, пак, е балкански спор, како што се обидува да се претстави, туку ги засега основите на ЕУ – изјавил Радев, коментирајќи ги пораките од Скопје дека вметнувањето на Бугарите во уставот е последниот бугарски услов.

Сепак, бугарскиот претседател на синоќешната промоцијата на книгата „Борбата на македонските Бугари за права и независност. 68 случаи од периодот 1944-1994 година“ потсетил дека пред една година ЕУ ја усвои Преговарачката рамка за Македонија во која се вклучени и прашањата за учебниците по историја и бугарското културно наследство во земјава.

– И денес кога нè повикуваат да не поставуваме нови услови за евроинтеграциите на РСМ, кога нè повикуваат да престанеме д агледаме во минатото, туку само напред, само кон иднината, мораме мирно и јасно да кажеме дека не поставуваме никакви нови услови. Сакаме Скопје единствено да ги исполни веќе преземените обврски кои се утврдени во Преговарачката рамка – вели Радев.

Тој уште додал дека не може да се градат добрососедски односи со РСМ и европска иднина со јазик на омраза, како и „со фалсификати за Бугарите во учебниците, со неотворање на архивите на службите з апогромот над Бугарите во Македонија и немањето рехабилитација на невините жртви, со натамошна дискриминација кон граѓаните со бугарска самосвест“.