Радев сега и се заканува на ЕУ со вето, се претвора во втор „Орбан“


Додека претседателот на Украина Володомир Зеленски бараше од лидерите на ЕУ повеќе оружје за да ја истурка Русија од окупираните територии, бугарскиот претседател, усогласен со Кремљ, побрза да повика на „мировни разговори“ со Владимир Путин и вети дека ќе стави вето на санкциите на ЕУ за руското нуклеарно гориво.

Со тие коментари Радев практично се позиционираше спротивно на повеќето негови колеги на самитот на ЕУ , бидејќи повика на мир во Украина во време кога другите се за помагање на Уклраина да се бори против агресијата.

Радев, кој ја претставува Бугарија на самитите на ЕУ додека земјата нема редовна влада, се спротивстави на испраќање оружје во Украина, иако претходниот бугарски парламент успеа да донесе таква одлука во ноември минатата година. Тој тврди дека испраќањето оружје во Украина е еднакво на „гаснење оган со бензин“.

Говорејќи пред вратата на состанокот на Советот на ЕУ во Брисел, каде шефот на украинската држава беше специјален гостин, Радев рече:

„Време е, една година по почетокот на оваа крвава војна, фокусот да се придвижи најмногу кон мерките за нејзино запирање и за продолжување на сите дипломатски напори во потрага по мирно решение.

Тој рече дека Бугарија ќе продолжи да го поддржува народот на Украина „до степен на нашите можности“, за да ги преживее критичните зимски месеци. Бугарија, додаде тој, ќе продолжи да им помага на украинските бегалци во земјата „според нејзините способности“.

„Но, ќе ја повикам ЕУ да ја употреби сета своја сила и сите свои инструменти за да можеме да ја свртиме дебатата кон запирање на војувањето и кон дипломатските напори за мир“, додаде тој.

Запрашан за евентуален нов бран санкции што би можел да го вклучи и рускиот цивилен нуклеарен сектор, тој рече:

„Бугарија не може да прифати санкции за секторот за нуклеарна енергија, бидејќи тоа директно ќе влијае на нашата нуклеарна енергија. Ова е забрането. Ги разгледуваме сите можни области каде што се можни понатамошни санкции. Но, онаму каде што се загрозени нашите интереси, како во нуклеарната енергија, ние внимателно ги следиме прашањата“.

Запрашан дали Бугарија ќе стави вето на санкциите во областа на нуклеарната енергија, тој рече:

„Ако е потребно, ќе го наметнеме нашето вето, да“.

Одговарајќи на прашањето дали ЕУ ќе ги повика своите земји-членки да испратат повеќе оружје во Украина, тој рече дека Бугарија веќе донела таква одлука, мислејќи на парламентарното гласање во ноември. Тој, сепак, изрази надеж дека „владата ќе преземе мерки тоа да не се повтори“.

Актуелната влада е преодна влада назначена од него, а парламент нема да има до предвремените општи избори на 2 април.

„Ова е крвава војна и се поретко слушаме апели за мир. Го слушаме само гласот на оружјето, слушаме само апели за победа, иако никој не може да даде дефиниција што значи победа“, додаде Радев.

Запрашан за миграцијата, една од трите официјални теми на самитот, заедно со Украина и економијата, Радев рече дека овој феномен „ги загрозува демократските основи на нашиот сојуз“.

Тој рече дека Бугарија, чија кандидатура да се приклучи на Шенген зоната на ЕУ  беше блокирана од Австрија со образложение дека не е подготвена соодветно да ги заштити европските граници, инвестирала многу во однос на граничните огради, техничките системи за гранична контрола и работна сила.

„ЕУ го цени овој придонес. Но, нашите ресурси се недоволни. Затоа, во последните месеци спроведувавме активна дипломатска активност на сите нивоа, за поголема поддршка, во корист не само на Бугарија, туку и на сите земји од првата линија“, рече тој.