Радев: Пожарникарите во Македонија заслужуваат признание, а не прекори


Претседателот на Бугарија, Румен Радев, му возврати на лидерот на партијата Има таков народ, Слави Трифонов, кој ја критикуваше одлуката на владата во Софија да испрати 25 пожарникари на помош во Македонија да се борат со бројните пожари. Радев повика на повнимателни проценки за работата на бугарските пожарникари.

„Сите пожари на територијата на нашата земја се под контрола. Најголемата закана, во моментов, е од територијата на Република Северна Македонија, каде што веќе се приближува фронтот, пожарот, четири километри од нашата граница. Сакам да им се заблагодарам на сите пожарникари, војници. Тие заслужуваат признание, а не прекори дека се таму или прекори кон оние што ги испратиле. Тоа е должност – да им помогнеме на нашите браќа, но не е само тоа, да спречиме да дојде во нашата земја“, рече Радев.

И службениот премиер Стефан Јанев ја коментираше одлуката за испраќање помош на Македонија:

„Испративме екипи од противпожарната бригада во Македонија, бидејќи нашата анализа покажа дека пожарот може да тргне кон нашата граница. И ако некој се сомнева, нека праша жители на Благоевград и соседните села, каков чад дишеа вчера и што чувствуваа“.