Радев не го смени тонот, Македонија не исполнила ништо (ВИДЕО)

Радев и натаму инсистира давањето согласност за почнувањето на преговори за Северна Македонија со ЕУ да не се врзува со рокови туку со реални остварувања од наша страна


Учесниците на средбата кај претседателот Румен Радев

 

Четири години по потпишувањето на договорот од 2017 година, Северна Македонија не го направила тоа што е потребно за негово спроведување, но исто така не ни гарантирала исполнување на обврските, оцени  претседателот на Бугарија, Румен Радев, по речиси петчасовната седница на Консултативниот совет за национална безбедност.

Како главно, тој порача дека давањето согласност за почнувањето на преговори за Северна Македонија со ЕУ не треба да се врзува со рокови туку со реални остварувања, вклучувајќи ги правата на македонските Бугари.  

Неговите зборови се удар за премиерот Кирил Петков и неговиот план за краток формат, во кој тематски дијалог во работните групи со идната македонска влада на мандатарот Димитар Ковачевски  ќе најде излез од ќор-сокакот во спорот меѓу Софија и Скопје околу ветото.

Откако повтори дека Бугарија има стратегиски интерес да се шири ЕУ во регионот и дека прва ја призналанезависноста на  Македонија, Радев додаде дека Софија не го одрекува правото на македонските граѓани да се самодекларираат и нарекуваат како што сакаат, но инсистира на целосна рамноправност на македонските Бугари со останатите граѓани во државата.

Според него, повеќедецениската дискриминација на македонските Бугари во нашата држава  ескалирала со јавни напади на граѓани што се декларираат така, нагласувајќи дека нивните права се клучен елемент од Копенхашките критериуми и тие, како што рече, не можат да бидат предмет на преговори. 

Од особено значање, нагласи тој, се проектите кои обезбедуваат транспортно, дигитално и енергетско поврзување, издојувајќи го како осбено важен Коридорот 8. Тие проекти, според оценката на сите на состанокот, ќе помогнат да се надмине застојот во односите  меѓу двете држави, да се врати меѓусебмата доверба  и да се поттурнат преговорите. Оценувајќи ги генерално преговорите досега, учесниците на Советот за национална безбедност нагласиле дека во некои области се оцртува можност за постигнување согласност, а решавањето на отворените политички прашања ќе создаде простор за напредок и во другите области. 

На крајот тој ја повтори бугарската позиција дека на Албанија треба да и се дозволи да ги почне преговорите и да не ја чека Македонија.

Сето ова е дел од документот што бил договорен на состанокот и во кој се внесени следните предлози: извршната власт да подготви план за дејстување со мерки за напредок во преговорите во сите области, да се формираат групи за сите области, да се утврдат мерки за изградба на Коридорот 8 во целина со Македонија и со Албанија, а Народното собрание на Бугарија да му предложи на македонскиот парламент структуиран дијалог кој ќе го помогне целиот процес.

Практично, по петчасовно заседавање беше официјализирана идејата на премиерот Кирил Петков за проширување на преговорите во повеќе области и од сите прашања со кои нѐ заморуваше Софија со месеци од историјата, фокусот се стави на правата на Бугарите во Македонија како единствена тема разбирлива за Брисел.  Договорот за пријателство од 2017 година и Рамковната позиција на собранието на Бугарија сепак се посочија како два документа на кои ќе се заснова и натаму бугарската политика и позиција кон Македонија. 

Софиски „Дневник“ по одржувањето на средбата кај Радев напиша дека „и покрај тонот што недвосмислено го доведува во прашање ентузијазмот за новиот пристап на премиерот Кирил Петков, списокот со предлози до кабинетот и парламентот покажува мешавина од актуелните столбови на позицијата на Бугарија и новиот став што го усвои актуелната влада“.

Дополнително, вели „Дневник“, списокот со препораки зборува само за гаранции за правата на Бугарите, како што препорача кабинетот на Петков, а не за конкретното, во моментов тешко остварливо барање на Радев: Бугарите да бидат внесени во Уставот.

„Оваа мешавина не дава излез од кризата, туку станува уште еден фронт со кој кабинетот на Петков ќе мора да се усогласува во барањето договор со идната влада на Ковачевски“, вели бугарскиот весник. (Н.В.)