Радев му ги кажал на Вархеи истите работи за Македонија

Потпретседателката Јотова разочарана од резолуцијата на Европскиот парламент за Македонија усвоена денеска. Не поминал важен бугарски амандман


 

Како и минатиот пат и сега посетата на еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеи, на Софија е повеќе тајна отколку јавна. На неговата агенда денеска беа средбите со претседателот Румен Радев, премиерот Кирил Петков и министерката за надворешни работи, Теодора Генчовска.

Има многу куси соопштенија од две од овие средби, со Радев и Петков, на кои главна тема е бугарската блокада на Македонија.

Од кабинетот на Петков се наведува дека двајцата разговарале „за актуелни прашања од европската агенда. Меѓу темите на средбата беа и европската политика во регионот на Југоисточна Европа и војната во Украина. Премиерот Кирил Петков во разговорот посочи дека Бугарија ќе продолжи да игра активна улога во стабилноста и просперитетот во Југоисточна Европа“.

Нешто повеќе има во соопштението од прес-службата на Радев. Во него се наведува дека претседателот на Бугарија ги повторил неговите познати тврди ставови околу европската интеграција на Македонија и условите што Софија мисли дека Скопје треба да ги исполни.

„Во текот на разговорот, шефот на бугарската држава го искажа ставот на нашата земја, кој доследно ги изразува очекувањата на Бугарија за активно ангажирање на Република Северна Македонија во решавањето на отворените прашања во односите меѓу двете земји, исполнувањето на Копенхашките критериуми за членство во ЕУ и обезбедување на уставни гаранции за правата на македонските Бугари, со цел да се придвижи напред процесот на европска интеграција на нашиот југозападен сосед“, стои во соопштението.

И покрај тоа што од многу европски престолнини, вклучително и Берлин и Париз, како и од седиштетот на ЕУ во Брисел, стигнуваат повици, па дури и рокови, прашањето за почетокот на преговорите со ЕУ за Македонија и Албанија да биде затворено до крајот на јуни, Радев денеска тврдеше дека ставовите на Софија наидувале на сѐ поголемо разбирање меѓу западните европски партнери и САД. Затоа што тој многу добро ја објаснувал бугарската позиција.

Потпретседателката на државата, Илијан Јотова, на истиот настан, изрази разочарување од резолуцијата што денеска ја усвои Европскиот парламент за Македонија и во која се бара почеток на преговорите за нашата земја и Албанија. Според Јотова, во документот недостасува важен амандман предложен од бугарските европратеници, чија цел беше заштита на правата на Бугарите во Македонија.

Таа исто така нагласи: „Кога се работи за притисок, тој притисок нека биде за земјата која сака да влезе во ЕУ, а не за земјата која толку години е дел од Унијата. Јас лично ја сметам за неприфатлива изјавата на високиот претставникот за надворешни работи, Жозеп Борел, дека ќе направи сѐ што е возможно да се изврши притисок врз нашата земја“. (Н.В.)