Радев ќе се борел против „македонизмот“ низ цела Европа


Румен Радев и Франк-Валтер Штајнмаер

 

Бугарскиот претседател Румен Rадев уште еднаш ја повтори својата исклучително тврда позиција во однос на Македонија и можноста да биде кренато ветото на Софија на јунскиот самит на ЕУ. По разговорите со во Берлин со својот домаќин, германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер, и со канцеларот Олаф Шолц, во изјава за бугарските новинари Радев рече неговата држава нема да дозволела да се „легитимира македонизмот“ во Европа.

Тој додаде дека бил многу задоволен што неговите позиции наводно наишле на разбирање кај домаќините.

„Неверојатно е како Европа, која се постави како пример на остатокот од светот во однос на демократијата и човековите права, на толеранцијата на говорот на омраза, е подготвена да ги напушти овие принципи и вредности. Не смееме да дозволиме легитимирање на македонизмот, идеологиите од поранешна Југославија и Коминтерната да најдат место во ЕУ“, рече Радев.

Тој уште додаде: „Исклучително сум задоволен од разбирањето на добро аргументираната позиција на Бугарија за Северна Македонија. Меѓутоа, кога работиме за заедничкиот европски контекст и европските институции, не смееме да дозволиме нашата национална позиција за Северна Македонија да стане заложник на конфликтот во Украина и таа тенденција да добива на сила“.