Радев драматизира во Брисел за Македонија

Ние сме во состојба на вето околу членството на Македонија во Европската Унија, бидејќи Бугарите кај нашиот западен сосед сè уште не се вклучени во Уставот, изјави бугарскиот претседател Румен Радев пред вонредниот состанок на Европскиот совет во Брисел.
Тој пред бугарските новинари повторил дека решението кое „го протуркавме со помош на францускиот претседател Емануел Макрон е дека преговорите ќе почнат само кога Бугарите ќе влезат во Уставот“
– Бугарите не се запишани, преговорите не се започнати – рече Радев.
Тој најави дека иако не е тема на дневниот ред, задолжително пред Советот на ЕУ ќе го покрене прашањето за „зголемената агресија и ескалацијата на антибугарската кампања во Република Северна Македонија“ затоа што во прашање се принципите на ЕУ врз кои се заснова сечие членство.
– Пред две години точно тука пред европските партнери го претставив прашањето со правата на македонските Бугари. Тоа се одвиваше многу тешко, морав да наложам две последователни вета за нашите партнери да сфатат дека тоа е сериозен проблем, со целата негова длабочина и да ја примат бугарската позиција, која всушност е адекватна на европската позиција која најде свое место во преговарачката рамка за РСМ. Проблем е растечката агресија кон македонските Бугари што води до злосторства од омраза, палежи и стрелби по нашите културни клубови и физички напади на македонските Бугари. Очекувам дефинитивна институционална реакција од властите кај нашиот западен сосед и итни активности за откривање на сторителите. За жал, во моментов не ја гледам потребната политичка волја – рече Радев.
Според бугарскиот претседател, има разминување меѓу амбициите на Македонија и чекорите за воспоставување на демократски стандарди и за македонските Бугари.
– Одрекувањето на постоењето на проблемот само го одложува проблемот, води до ново насилие и ги стимулира престапите од омраза. Ќе барам солидарност од европските колеги и нивна ангажираност и со истата енерегија со која нас нè прозиваат за успорување на процесот на евроинтеграција на РСМ, така ЕУ да наложи мониторинг и гаранција за запазување на правата на Бугарите во РСМ – рече Радев пред вонредниот европски самит за Украина.
Претходно и потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова, во интервју за софиски „24 часа“ оцени дека Бугарија однапред дала доверба, се согласила со францускиот предлог затоа што не сакала да бидеме кочница за членството на РСМ во ЕУ.
-Ја вративме силната „заштитна клаузула“ – меѓувладината конференција, со која всушност започна преговарачкиот процес со РСМ, но не може да се одржи пред нашите сонародници да бидат запишани во Уставот. И не е прашање само на зборови, туку за вистински гарантирање на правата. Настаните од последните денови и сето она што се случуваше во последните месеци покажува дека тоа не се инциденти, колку и да се обидуваат нашите македонски колеги да ги прикажат така. Ова е политика која многу сериозно се рашири како метастаза во целиот политички систем на РСМ и за која се уште не го нашле вистинскиот лек. Самата власт во Македонија треба многу јасно да застане против јазикот на омразата, кој води до сквернавење на споменот на Гоце Делчев – бугарски револуционер кој сакаше да ја види својата татковина обединета, вели Јотова.
Таа признава дека и Бугарија правела грешки, но не сегашната власт, туку претходните. Па така споменува дека поранешниот претседател Плевнелиев никогаш не отишол во Македонија затоа што имало говор на омраза.
– Напротив, поради тоа работата на секој бугарски политичар е во континуиран контакт, разговори, инсистирање, со многу сила, волја и страст да ги убедува своите колеги дека разговорот меѓу двете страни треба да биде поинаков, тонот треба да биде поинаков, ако навистина сакаат европска перспектива. Не може да се подвитка опашката кога грубо се понижуваат луѓето со бугарска самосвест. И кога ЕУ првпат почна да зборува за реформи во системот на проширување, Бугарија требаше многу подиректно да интервенира и да каже: „Ние и РСМ имаме други проблеми, особено правата на нашите сонародници таму. Факт е дека во Договорот за добрососедство нема ниту еден збор за Бугарите во РСМ во одбрана на нивните права“, објаснува Јотова.
Таа потсетува дека политичката тема за правата на Бугарите во РСМ, претседателот Радев првпат ја поставил на европска сцена преку Советот на министри и самитите.
– А на почетокот на 2022 година, ако Радев во 5 до 12 не свикаше средба на Советот за национална безбедност премиерот Кирил Петков ќе ги предадеше бугарските позиции без никакви услови. Не сакам да мислам што ќе се случеше со Бугарите таму ако не беше францускиот предлог, колку и да ни изгледаше компромисен. РСМ има голем проблем, раководството на државата треба да ги убеди граѓаните дали сакаат да бидат дел од европското семејство или не. Зашто она што се случува не е само антибугарска позиција, туку и антиевропска, додава бугарската потпретседателка.
На прашањето какви се механизмите на Бугарија да изврши влијание врз РСМ сега кога ветото е кренато, Јотова вели дека нема да има меѓувладина конференција и нема да можат да започнат релните преговори.
– Европската комисија може да праќа и по 10 мисии годишно, но процесот нема да се придвижи напред. Не може да се придвижи ништо без да се исполни условот напишан црно на бело-вклучување на Бугарите во тамошниот устав, изјави Јотова. Според неа, прашањето за „Северна Македонија“ е само дел од големата тема за бугарското присуство во европската политика.
Јотова додава дека Бугарија треба да е поамбициозна и со поголема самодоверба. На прашањето дали Бугарија може да биде притискана за ова прашање со условување на влезот во Шенген или во еврозоната, таа одговара дека е против мешањето на тие две теми и не смета дека Брисел ќе го постави тоа како услов, бидејќи се работи за различни оценки и процеси.