Рада со стилот во Брисел испрати моќна порака
Златна средина е вистинскиот одговор за дамите од високата политика, а тука спаѓа и Шекеринска
Радмила Шекеринска во текот на политичката кариера, секогаш беше на врвот на стилот. И како пратеник, и како министер и како вицепремиер, и од завчера, како заменик-генерален секретар на НАТО во Брисел. Децентна, едноставна, елегантна, со префинет стил на облекување. Со истата фризура и шминка.
На официјалната слика на сајтот на НАТО, Шеќеринска импонира со тегет костум и стилизирана бисерна свилена блуза со интересен дел околу вратот. Од модните додатоци, префинет, скап часовник, и брош од седеф во вид на цвет. Мошне софистицирано, со европски изглед, и симболична порака од каде доаѓа.
И вчера, на првата официјална средба во Брисел со државниот министер на Обединетото Кралство за Европа и за Северна Америка, Стивен Доти, Шекеринска избра тегет деловен фустан, кој стилски го разби со свилена бело-тегет марама.
Во Брисел, како нова дипломатска станица, Шекеринска со својот избор на гардероба продолжува, како и досега, да ја почитува високата функција, но и јавноста. Ја препознаваме како политичарка која внимава на линијата, со ненаметлива фризура и шминка, со парчиња облека кои се евидентно брендирани, ама ускладени со дрес-кодот на јавна личност од сферата на политиката. Која ги сака костимите, ги комбинира со здолништа или со панталони, со блузи или со ролки. Доследна на истиот стил низ годините. Некои ѝ замеруваа на конзервативниот стил и на истата фризурата, ама Шекеринска одамна сфатила дека ако сте во политиката или во „машка“ професија можете истовремено да бидете модно освестени, ама да не ја поминувате линијата на добриот вкус. Сепак, функциите кои ги извршуваше, не ѝ дозволуваа модни излети кои имаат вулгарен призвук ниту остварување на личните желби. Помалку е повеќе!