Работна група за проширување на ЕУ доаѓа во прва посета на Македонија


Работната група за проширување и за земјите кои преговараат за пристапување во ЕУ (COELA) ќе престојува во работна посета на Северна Македонија од 14 до 15 септември. COELA е тело на Советот на ЕУ, составено од дипломати од сите земји-членки на ЕУ, кое е задолжено за процесот на проширување и односите со земјите кандидати кои преговараат за нивно пристапување во ЕУ. Со COELA претседава ротирачкото претседателство на Советот на ЕУ, а во втората поливина од 2022 година со телото претседава дипломат од Постојаната мисија на Чешката Република во ЕУ.

 Ова е прва работна посета на COELA на земјава, која е како резултат на отворањето на пристапните преговори на ЕУ со Северна Македонија во јули 2022 година. Посетата вклучува средби со премиерот Димитар Ковачевски, вицепремиерот и главен преговарач Бојан Маричиќ, министерот за надворешни работи Бујар Османи и претставници на министерствата и другите институции вклучени во таканаречениот „Кластер 1“ од преговорите за пристапување во ЕУ („Основи“).

COELA ќе се сретне и со претседателот на Собранието Талат Џафери и ќе присуствува на заедничката седница на Националниот совет за евроинтеграции, со која претседава пратеникот Александар Николоски, и на собраниската Комисија за европски прашања, со која претседава пратеникот Арбер Адеми, на 14 септември во Собрание. Делегатите од COELA ќе разменат мислења и со претставници на граѓански организации.