Работилница за проактивна Стратегија за локален економски развој на Општина Аеродром


„Управување со ЕУ финансии – проекти, донации, кредитни партии и слично” и подготовка на Комуникациска стратегија на Стратегијата за локален економски развој на Општина Аеродром беа темите на дводневната работилница која се одржа во Маврово со учество на претставници на општинската администрација – Сектор финансии и новинари од неколку македонски медиуми.

– Учесниците на првата работилница во дефинирање на Стратегијата за локален економски развој разговараа за сите можности околу управувањето со финансиските средства и други материјални придобивки од Европската Унија и начинот на нивната соодветна сметководствена евиденција, во насока на реализација на 20-тината развојни проекти на Општина Аеродром како Прва општина со ЕУ знаменце, соопшто Општина Аеродром.

Раководителот на Секторот за работи на Градоначалникот, Александар Ѓоргиевски ги презентираше сите проекти пред учесниците на работилницата, како и финансиската и временската рамка за нивна реализација, а присутните новинари дебатираа за сите проекти на Општината и го изразија своето мислење за секој проект.

– Општина Аеродром е прва општина во Северна Македонија која изработува „проактивна” Стратегија за локален економски развој, согласно највисоките европски стандарди за изработка на ваков тип стратегии. Имено, клучниот сегмент во нејзината подготовка е активната вклученост на граѓаните, невладиниот сектор, бизнис заедницата, општинските власти и медиумите. Оваа стратегија се базира на реални проекти, кои се презентираат пред заедницата и пред сите засегнати страни, кои активно учествуваат во анализата на секој проект и го изразуваат својот став за ефектите од нивната реализација, се наведува во соопштението.

Во рамките на оваа работилница, делегацијата на Општина Аеродром оствари работна средба и со градоначалникот на општината Маврово – Ростуше, Медат Куртовски и соодветната ресорна општинска администрација во областа на финансиите. На средбата во општинската зграда се разменија искуства во менаџирањето со ЕУ проекти и се отворија потенцијали за идна соработка на двете општини во приближувањето кон вредностите на Европската Унија.

– По оваа работилница, во наредните неколку месеци, Општина Аеродром ќе ја продолжи комуникацијата и дебатата со сите засегнати страни при подготовка и реализација на Стратегијата за локален економски развој во останатите сегменти (животна средина и екологија, енергетска ефикасност, родова еднаквост, образование, спорт, рурален развој) и да разменува искуства со други македонски општини и локални самоуправи од соседните земји, се додава во соопштението на Општина Аеродром.