Работилница на ЕУ за финансирање проекти „ЕУ во Скопје!“


Фото: Б. Грданоски

Делегацијата на Европската Унија во Скопје денеска организира работилница за финансиската поддршка којашто ја овозможува ЕУ.

На настанот ќе се обратат евроамбасадорот Самуел Жбогар, вицепремиерот за европски прашања и национален координатор за ИПА-инструментот Бујар Османи, раководителот на Секторот за соработка во делегацијата на ЕУ, Никола Бертолини, како и шефот на Секторот за евроинтеграции, политички прашања, печат и информации при делегацијата на ЕУ, Џулијан Васало.

Целта на настанот е да се информира јавноста за можностите за финансирање што ги овозможува ЕУ во земјата и да се дадат повеќе детали за идната соработка со општините и властите на локално и регионално ниво.

Работилницата е последната во серијата работилници што се одржаа во 25 општини и има за цел да ги запознае како пошироката јавност, така и општините во регионот на Скопје, со инструментите за финансирање на ЕУ.

Европската Унија е најголемиот донатор во земјава, со над 90 милиони евра на годишно ниво за поддршка на национални реформи во различни сектори. Освен Инструментот за претпристапна помош (ИПА), ЕУ има и други можности за поддршка на земјава на нејзиниот пат кон полноправно членство.