Работата од дома ги испразни канцелариите ширум светот
Уделот на празниот деловен простор во светот во првата половина од годината достигна рекордни 15,6 отсто
Пандемијата започна тренд на работа од дома кој не престанува, па сега во светот повеќе канцелариски простор е празен од кога било досега, според германската филијала на глобалната агенција за недвижности „Џонс Ланг Ласал“ (Jones Lang LaSalle).
Уделот на празниот деловен простор во светот во првата половина од годината достигна рекордни 15,6 отсто, објави во четвртокот ЈЛЛ во Франкфурт.
Додека во Европа уделот остана на 7,6 отсто, во азиско-пацифичкиот регион значително скокна на повеќе од 15 отсто, а во Северна Америка на дури дваесет отсто. Со други зборови, во просек секоја петта канцеларија таму е празна.
За студијата, ЈЛЛ го анализираше пазарот на недвижности на околу сто земји и заклучи дека закупот на деловен простор забави на глобално ниво во првата половина од годината, а особено, за една четвртина, во Европа.
Компаниите генерално се обидуваат да се преселат во помали, поевтини канцеларии, но и повторно преговараат за условите на договорот и бараат попуст, рече Хела Хинрихс од ЈЛЛ. Агенцијата проценува и дека до крајот на годината уделот на празни канцеларии само ќе се зголемува.
„Од 2024 година ќе има значително помалку новоизградени канцеларии, така што достапноста, заедно со растот на побарувачката, ќе биде значително помала“, оценува Хинрихс.
Работата од дома цврсто се етаблира во деловниот живот, иако некои компании бараат од нивните вработени почесто да доаѓаат во канцеларија.
Во Германија, 61 процент од компаниите им дозволуваат на своите вработени повремено да работат од дома, покажа новото истражување на економскиот институт Ифо оваа недела. Кај компаниите со најмалку 500 вработени, тоа скокна на 94 проценти.
Промените во начинот на работа влијаат и на пазарот на недвижности – цената на канцеларискиот простор падна за речиси 10 отсто во вториот квартал, покажуваат податоците на германските хипотекарни банки.