Путиновата зависност од војна станува болест на цела Русија
Да се биде во војна е ненормално, освен ако не си Русин. Војните започнуваат кога сè друго не успева. Дипломатијата пропадна. Посредувањето не успеа. Останува само да се замолат храбрите мажи и жени да ги ризикуваат своите животи во служба на нивната држава.
Ако сте Русин, војната е вашата стандардна состојба на работите под Владимир Путин затоа што државата пропадна. Долгото 22-годишно владеење на рускиот претседател беше обележано со постојан конфликт и притоа руските војници не ги ризикуваат своите животи „во служба на својата држава“ туку во реалноста, тие ѝ служат на Путиновата жед за крв.
Неговото доаѓање на власт само по себе беше резултат на низа крвави акти на масовно насилство. Во мај 1999 година, Путин стана руски премиер под претседателот Борис Елцин. Од таа точка на потпора, мрежата околу Путин ги започна своите махинации да го постави како шеф на државата. За да се овозможи овој потег, беа употребени неколку тактики, меѓу кои и уценувањето на семејството Елцин поради аферата Мабетекс.
Но, за да се осигура дека Путин ќе може да ја добие претседателската функција – во време кога изборите во Русија беа нови, но релативно прифатени – на поранешниот офицер на КГБ му требаше настан што ќе го направи, во очите на гласачите, национален херој. Тој, се разбира, избра војна.
Во нејзината извонредна книга „Луѓето на Путин“, новинарката Кетрин Белтон забележува дека, кога Путин бил на прагот да ја обезбеди номинацијата на Елцин за функцијата вршител на должноста претседател, тој се повлекол неколку дена во затворената колективна заедница Озера што тој и неговите колеги од ФСБ ја изградиле од средствата што незаконски ги собраа додека Путин беше дел од тимот на градоначалникот на Санкт Петербург, Анатолиј Собчак. Изолираните размислувања и планирања траеја неколку дена. Набргу потоа, силни експлозии одекнаа низ станбените згради во Москва, Волгодонск и Бујнакск. Бомбите во становите ги однесоа животите на повеќе од 300 луѓе. Тие биле руски државјани, убиени додека спиеле.
За бомбашките напади во становите беа обвинети чеченските сепаратисти и тие станаа оправдување за втората чеченска војна, што беше настан околу кој Путин го создаде својот национален углед и на тој начин го запечати неговото освојување на руското претседателство. Има многу докази дека овие бомбашки напади биле дело на ФСБ, руската безбедносна служба – државен орган на кој Путин бил на чело пред да стане премиер.
Пред рускиот народ оваа специјална воена операција мораше да се оправда и беше продадена како справување со терористи. Тие или замижуваа, или уживаа да го гледаат уништувањето на градови како Грозни. Само ги кренаа рамениците поради загубата на 60.000 животи. Со тоа, гниењето влезе во колективното размислување на Русија. Чеченската војна не заврши со некоја славна воена победа на руските вооружени сили – таа заврши кога Путин го кооптиршеа Рамзан Кадиров за да стави крај на непријателствата. Кадиров беше поткупен со личен феуд и пристап до богатство надвор од неговите најлуди соништа.
Како што заврши една војна, набрзо беше потребна друга. На 8 август 2008 година, Русија ја нападна Грузија. Пропагандата го информираше рускиот народ дека тоа е неопходно да се „заштитаат сепаратистичките“ територии Јужна Осетија и Абхазија. Во реалноста, Русија назначуваше руски државјани на високи раководни позиции на тие територии години порано и го водеше „шоуто“ таму.
Русија сега окупира 20% од суверената држава Грузија. Наративот за сепаратистите кои ги поддржува Русија, се разбира, требаше да се прераспореди кога Путин ќе го сврти своето внимание кон Украина. Помеѓу Грузија и Украина, рускиот претседател најде изговор да ги задоволи своите варварски импулси во служба и во партнерство со сирискиот претседател Башар ал Асад. Императивот на Путин овде беше да спречи соборување на автократ со народна револуција. Асад извесно време се бореше, дури и со сопствената бруталност, да ги смири бранувањата на револуцијата пред Путин да се вклучи во борбата и да и нареди на руската авијација да уништи цели градови со оправдување дека оние што стојат против Асад се терористи. Со оглед на „војната против тероризмот“ и подемот на екстремистичките групи, ова беше лесна приказна за луѓето да ја прифатат.
Војната на Русија во Украина започна во 2014 година и се прошири оваа година. Реакциите на рускиот народ беа конзистентни – мнозинството ја поддржува оваа војна, и покрај неоснованото оправдување дека Украинците се современиот еквивалент на нацистите. Повеќе од 20 години рускиот народ знаеше дека е војна. Сцените во Украина се прифатливи затоа што Украина го заслужува тоа – исто како што и народот на Чеченија, Грузија и Сирија ја заслужија својата судбина. Русија, како нација, пристигна на место на колективна болест.
Има и такви кои се рамнодушни кон воените злосторства што ги прави руската армија во Украина, а има и такви кои свесно го поддржуваат таквото зло. Набљудувајќи ја оваа војна, видов случаи на сопруги да им дадат дозвола на своите сопрузи да силуваат Украинки и мајки да ги слушаат приказните за тортурата што им ги кажувале нивните синови. Не неколку пати, дури ни десетици пати, туку стотици пати.
Народот на Русија знае што прави нивната земја – и или не им е грижа или мислат дека тоа е нормално, бидејќи војната не е ненормална појава за руските граѓани. Стандардна е. Видот на колективното лудило на кое сме сведоци кај народот на Русија денес има историски паралели, како што со месеци ни кажуваат забележани историчари за нацизмот и фашизмот. Изграден е, кумулативно, во текот на многу години и многу војни. Одговорноста за уништувањето во Украина на крајот му припаѓа на целиот руски народ. (Пол Ниланд, ирски новинар во Украина)