Путиновата „математика“ не се остварува во Украина

Украинскиот јазичен идентитет не е линеарен - јазикот не ги дели луѓето во групи, На улиците може да се слушнат луѓе кои  почнуваат фраза на украински и ја завршуваат на руски, или обратно. Повеќе сленгови ги мешаат двата јазика и многу луѓе всушност не зборуваат литературен украински или литературен руски, туку нешто помеѓу. Лесно може да се најде исто така Украинец чиј мајчин јазик е руски, а кој ја бранел земјата од руската инвазија во 2014 година и тоа го прави сега


И покрај тоа што Кремљ тврди дека руската армија влегла во земјата како „ослободителска“, таа безмилосно ги напаѓа  украинските цивили. Бомбардираше станбени области, училишта, болници, комерцијални објекти низ целата земја и ги прекрши договорите за отворање на хуманитарни коридори за евакуација. Руската армија, исто така, отиде толку далеку што ги нападна украинските нуклеарни централи во Чернобил и Енерходар, соочувајќи ја цела Европа со  заканата од нуклеарна катастрофа. Сето ова Кремљ се обидува да го оправда со цинична пропаганда, дехуманизирање и деградирање на Украинците. Неговиот општ наратив во изминатите години беше дека Украинците не се нација, дека украинскиот идентитет го измислиле „нацистите“ и затоа Русија треба да ја „денационализира“ земјата.

Во текот на првите денови од војната, Москва можеби беше изненадена кога дозна, сепак, мнозинството Украинци ја мразат идејата да станат Руси и го мразат рускиот авторитаризам со Владимир Путин на негово чело. Спротивно на она што го кажува рускиот претседател и постојано го повторуваат руските медиуми, Украинците имаат силен национален идентитет и знаат кои се како народ. Бидејќи украинскиот суверенитет е во непосредна опасност, важно е да се нагласи дека Украина има посебна вековна историја и дека идејата за украинска државност не се појави со создавањето на Советскиот Сојуз.

На територијата на денешна Украина, различни антички политики оставиле свој белег, вклучувајќи ги грчките колонии, скитските племиња и државата Хазар. Нејзиниот главен град, Киев, бил центар на моќната средновековна држава Киев Рус, која ги поврзувала источните словенски земји со варангискиот север и византискиот југ. Во 17 век, Козаците, словенска воинствена заедница со седиште на територијата на денешна Украина, основале автономен политички ентитет кој бил под културно влијание на Западна Европа, источното христијанство, јудаизмот и исламот.

Оваа посебна историја, исто така, создаде единствена украинска политичка култура која е антитиранска по својата природа. На пример, во Киев Рус постоела плуралистичка политика неколку векови. Раната модерна козачка државност била под длабоко влијание на католичкото образование, германското право и полската договорна политика. Во Украина од 19 век, коча постоела во границите на Руската и Хабсбуршката империја, украинските интелектуалци ја бранеле децентрализираната и демократска политика, вклучувајќи ги поетот Тарас Шевченко, историчарот Микола Костомаров и филозофот Михаило Драхоманов.

Овој плуралистички политички идентитет објаснува зошто денес Украина не е управувана од една личност и зошто Украинците се бунтуваат секогаш кога имало обиди да се воспостави авторитарна власт. Домашниот авторитаризам во Украина е тешко остварлив и тој отсекогаш бил увезен.

Ова делумно ја објаснува денешната војна меѓу Украина и Русија. Киев и Москва значително се разликуваат по политичката култура и граѓанските права. Украинците сакаат да живеат во демократија со загарантирани права и слободи и тие ја доживуваат Русија како место каде што овие вредности се занемаруваат и се почитува моќта на тиранинот. Русија, со своите авторитарни традиции, го гледа украинскиот политички модел кој бара слобода како опасен. Затоа за нив е сомнителна секоја украинска политичка преродба, која Путин ја нарекува „обоени револуции“ и ја претвора во домашно страшило.

Наративот изнесен од пропагандистите на Путин за внатрешните поделби во украинското општество, исто така, не ја одразува реалноста. Еден од тие недостатоци,  покрај јазичните разлики, е што Путин сугерира дека тие што говорат украински и тие што говорат руски се во конфликт, а вторите се нужно проруски. Тој тврди дека во 2014 година, луѓето земале оружје во источна Украина за да се борат за „својот јазик“, обидувајќи се да го замагли  она што очигледно беше руска инвазија на земјата. Тој го посочи законот за јазици усвоен од украинскиот парламент како доказ за остри поделби во украинското општество и како доказ за  „присилната асимилација“ на Русите во земјата.

Но, украинскиот јазичен идентитет не е линеарен; јазикот не ги дели луѓето во групи, а јазичниот идентитет е многу пофлуиден отколку што претпоставуваат многу странци. На пример, телевизиските програми на украинската телевизија може да имаат водители на  украински јазик  и гостин на руски кои комуницираат на нивните соодветни јазици и се разбираат без проблем. На улиците може да се слушнат разговори на луѓе кои  почнуваат фраза на украински и ја завршуваат на руски, или обратно. Повеќе сленгови ги мешаат двата јазика и многу луѓе всушност не зборуваат литературен украински или литературен руски, туку нешто помеѓу.

Понатаму, јазикот не го одразува политичкиот идентитет. Исто така, лесно може да се најде новинар или блогер кој зборува руски а во исто време ја нагласува посебноста на украинскиот идентитет и разговара како да се заштитат луѓето од руската пропаганда. Лесно може да се најде Украинец чиј мајчин јазик е руски, а кој ја бранел земјата од руската инвазија во 2014 година и тоа го прави сега, во 2022 година.

Жестокиот отпор против руските напаѓачи во градовите како Харков и Херсон, кои од јазичен аспект се мнозински руски  или имаат значително население што зборува руски јазик, е последниот неоспорен доказ дека пропагандата на Кремљ е едноставно апсурдна.

Колку и да се обидува Кремљ да ги подели Украинците преку лажни историски наративи, искривување на фактите и директна инвазија и грабежи, целото негово агресивно однесување ја зближува украинската нација и го зајакнува украинскиот идентитет. Во минатото, многу Украинци можеби ги доживуваа блиските односи со Москва како нешто добро, но денес тоа се смета за најголемата опасност со која се соочува нацијата. Дури и пред почетокот на војната, околу 72 отсто од Украинците ја идентификуваа Русија како непријателска држава. Во исто време се повеќе Украинци го вртат погледот кон Запад и се убедени дека членството во ЕУ е патот напред за земјата. Пред војната, поддршката за членство во Европската унија порасна на 68 отсто а за НАТО  54 отсто  (од 14 отсто во 2012 година), а по инвазијата вртоглаво порасна, на 86 отсто за членство во ЕУ и 76 отсто за пристапување во НАТО.Според друга анкета, 80 отсто од украинските граѓани велат дека се подготвени да ја одбранат својата земја од руска инвазија со земање оружје.

Тоа значи дека Русија со нападот на Украина во 2014 година и со повторнатата инвазија сега го постигнува спротивното од она што го сака. Не само што не успева да ја врати Украина во нејзината сфера на влијание, туку и инспирира уште поголем отпор кон нејзината агресија и дополнително го консолидира украинскиот национален идентитет. Со своите постапки, Москва создава пеколна слика за себе во очите на Украинците и го зајакнува нивното уверување дека нивната иднина не треба да се врзува за оваа ужасна авторитарна држава. (Ал Џезира)