Путин се сретна со командантот на „Вагнер“, разговараа за Украина


Владимир Путин на средбата со заменик-министерот за одбрана Јунус-Бек Евкуров и Андреј Трошев

 

Рускиот претседател Владимир Путин во петокот (28 септември) се сретна со еден од највисоките поранешни команданти на платеничката група „Вагнер“ и разговараше за тоа како најдобро да се користат „доброволните единици“ во војната во Украина.

На состанокот беше подвлечен обидот на Кремљ да покаже дека државата сега добила контрола над платеничката група по неуспешниот јунски бунт на нејзиниот шеф Евгениј Пригожин, кој потоа загина со други високи команданти во авионска несреќа во август.

Путин беше прикажан на државната телевизија како се сретнува во Кремљ со Андреј Трошев, поранешен командант на „Вагнер“ познат по неговото име „Седој“ – или „седа коса“.

Кремљ соопшти дека средбата се одржала доцна во четвртокот. Присутен беше и заменик-министерот за одбрана Јунус-Бек Евкуров, кој изминативе месеци патуваше во неколку земји каде што работеа платениците на „Вагнер“.

Обраќајќи му се на Трошев, Путин рече дека разговарале за тоа како „доброволните единици кои можат да извршуваат различни борбени задачи, пред сè, се разбира, во зоната на специјалната воена операција“.

„Вие самите се борите во таква единица повеќе од една година“, рече Путин. „Знаете што е тоа, како се прави, знаете за прашањата што треба однапред да се решат за борбената работа да оди на најдобар и најуспешен начин“.

Путин, исто така, рече дека сака да зборува за социјалната поддршка за оние кои се вклучени во борбите.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави за новинската агенција РИА дека Трошев сега работи во Министерството за одбрана.

Судбината на „Вагнер“ беше нејасна по неуспешниот бунт на Пригожин на 23 јуни и неговата смрт на 23 август, по што Путин им нареди на борците на „Вагнер“ да потпишат заклетва за верност кон руската држава, на што Пригожин и многу од неговите луѓе се спротивставија.

Рускиот весник „Комерсант“ објави дека само неколку дена по бунтот на Вагнер, Путин му предложил на Трошев да ја преземе командцата од Пригожин.

Враќањето на „Вагнер“?

Се чини дека состанокот на Путин во Кремљ покажува дека она што останува од „Вагнер“ сега ќе го надгледуваат Трошев и Евкуров.

„Вагнер“, кој некогаш имаше десетици илјади луѓе, стана најпознат по неговото заземање во мај на украинскиот град Бахмут во најкрвавата битка на војната. По падот на Бахмут, единиците на „Вагнер“ се повлекоа од Украина.

Некои од борците на „Вагнер“ се пријавиле за служба во формалната руска армија, додека многу други се преселиле во различни приватни воени компании, изјавија руски извори за Ројтерс.

Британското воено разузнавање соопшти дека до стотици борци кои порано биле поврзани со „Вагнер“ најверојатно почнале да се распоредуваат во Украина како дел од различни единици.

„Точниот статус на персоналот што се прераспоредува е нејасен, но веројатно е дека поединци се префрлени во делови на официјалните сили на руското Министерство за одбрана и други формации“, соопшти британското воено разузнавање.

Трошев, одликуван ветеран од руските војни во Авганистан и Чеченија и поранешен командант на силите за брза реакција на Министерството за внатрешни работи СОБР, е од Санкт Петербург, родниот град на Путин. Тој беше награден со највисокиот руски медал, Херој на Русија, во 2016 година за упадот на Палмира во Сирија против милитантите на Исламската држава.