Путин праќа војници во самоубиствени напади


КИEВ – Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, го посети разурнатиот град Бахмут во источна Украина – клучниот јазол во фронтот долг 1.300 километри за кој вели дека е „најжешката точка“ во војната и ја олицетворува подготвеноста на рускиот претседател Владимир Путин да ги фрли своите војници во самоубиствени напади. Во доцното ноќно видео обраќање во понеделникот, Зеленски се фокусираше на ладнокрвното непочитување на Путин на животите на неговите војници во Бахмут, истакнувајќи дека наспроти тоа руската елита ги држи своите најблиски подалеку од колежот.

„Од мај, окупаторите се обидуваат да го скршат нашиот Бахмут, но времето минува и Бахмут веќе ја крши не само руската армија, туку и руските платеници кои дојдоа да ја заменат залудно потрошената војска на окупаторите“, рече тој, додавајќи дека Русија досега изгубила речиси 100.000 војници.

“За што? Никој во Москва не може да одговори на ова прашање. Тие водат војна и ги трошат животите на луѓето, туѓите животи, не на нивните најблиски, не нивните животи, туку животите на другите само затоа што една група во Кремљ не може да ги признае грешките и ужасно се плаши од реалноста. Но, реалноста зборува сама за себе“, додаде Зеленски.

Бахмут некогаш беше центар за производство на сол и важен железнички јазол во источната провинција Доњецк, но сега е главно уништен од секојдневните бомбардирања. Поплавените ровови и распарчените дрвја низ изгорената земја на предниот дел имаат неверојатни сличности со сцените од Првата светска војна.

Војникот на украинската армија Олександр Солонко беше еден од бранителите на Бахмут до минатата недела кога ја започна својата долгоочекувана ротација. Исто како и многу други украински борци, тој објави на социјалните мрежи за руската тактика на фрлање на сопствените војници во смрт во таканаречените „бранови месо“. Солонко тврдеше дека ова стана редовна руска тактика, не само во Бахмут.

„Тие ги испраќаат своите регрути од руските затвори во самоубиствените напади кои не само што ја исцрпуваат нашата воена опрема, туку и помагаат и на инвазивната армија да ги обележи огнените позиции на Украина“, изјави Солонко. Ова им помага на Русите да го прилагодат и артилерискиот оган. По првиот самоубиствен бран, може да има нови бранови на напади од страна на руската армија или паравоената група платеници Вагнер поддржана од Кремљ може директно да влезе во битка“, рече Солонко.

„Русите се обидуваат да се пробијат на југот на градот за да го преземат патот кон Костјантинивка под контрола на оган. Ова е многу важна транспортна артерија. Тие не успеваат да го направат тоа“, додаде Солонко.

Што се однесува до моралот на украинските војници кои секојдневно треба да се соочуваат со самоубиствените бранови на Русите, Солонко тврди дека тој останал висок и покрај сите ужаси.

„Ако се повлечеме, забавиме, ќе има нова Буча, нов Мариупол, нови егзекуции на цивили и други ѕверства извршени од руските окупатори. Затоа, тие мора да бидат запрени овде и сега каде што сме и ќе бидеме“, рече Солонко.

„И покрај сите тешкотии, и покрај студот, смртната закана, постои јасна свест за целта и дестинацијата. Тоа помага да се одржи правилниот морал“, додаде тој.