Путин потврди дека се одмаздува
Рускиот претседател Владимир Путин денешните ракетни напади на Москва врз бројни украински градови ги опшиша како одговор на „терористичките напади“ на руска територија и предупреди дека може да следи уште поостар одговор. Тој уште тврди дека Украина се обидела да го дигне во воздух и гасоводот „Турски ток“.
„Ако нападите врз Русија продолжат, одговорот ќе биде остар. Одговорите ќе бидат со иста јачина како и заканите за Русија. Во случај на натамошни обиди за извршување терористички акции на наша територија, одговорот на Русија ќе биде остар“, рече тој на состанокот на Советот за безбедност на Руската Федерација.
Тој призна дека „ракетите со голем дострел” целеле енергетски, воени и комуникациски објекти на Украина во координиран напад.
Министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба, возврати на најновите закани на Путин и рече дека рускиот претседател не бил „испровоциран да изврши ракетни напади со голем дострел против Украина“.
„Путин ја напаѓа Украина затоа што е очаен и користи ракетен терор за да се обиде да го промени темпото на војната во своја полза“, посочи Кулеба во серија твитови.
Од Европската Комисија изјавија дека руските бомбардирања врз Киев и други украински градови се сметаат за ескалација во ЕУ. Шефот на ЕУ дипломатијата, Жозеп Борел, на Твитер утрово напиша дека е шокиран по руските напади и најостро ги осуди.
Неговиот портпарол, Петер Стано, на денешниот редовен брифинг на Европската Комисија дообјасни дека бомбардирањата над Киев и други клучни украински градови таргетираат цивили , се спротивни на меѓународното хуманитарно право и со тоа претставуваат воено злосторство. За Европската Унија овие дејствија претставуваат ескалација во конфликтот, особено ако на тоа се додадат изјавите на белорускиот претседател Александр Лукашенко, кој најави заеднички трупи со Русија.
-Да, ова претставува ескалација, таргетирање на цивилни цели значат дополнителна ескалација, после лажните референдуми и илегалната анексија, а дополнителна ескалација се и изјавите на Лукашенко кои придонесуваат кон ескалација не само во Украина туку и во регионот, изјави Петер Стано.
Најавите за заеднички руски и белоруски трупи, ако се остварат, нема да останат без одговор од ЕУ, рече портпаролот.Со оглед на ова ЕУ веќе разговара за нов пакет санкции против Русија, потврди Стано. Европската Комисија не дава детали за тоа што ќе содржат новите санкции, но “сѐ е на маса“, рече тој.
Во однос на обвинувањата на Москва дека камионот кој експлодирал на кримскиот мост доаѓал од Бугарија, односно земја членка на ЕУ, портпаролот порача дека не треба да се обрнува внимание на изјавите кои доаѓаат од Кремљ, и дека официјална Русија нема никаков кредибилитет во своите изјави.