Путин нема да присуствува на погребот на Горбачов, многу бил зафатен


Рускиот претседател Владимир Путин нема да присуствува на погребот на Михаил Горбачов, изјави за новинарите портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.Песков рече дека распоредот на рускиот претседател не му дозволува да присуствува на церемонијата за збогување со последниот лидер на Советскиот Сојуз оваа сабота.

Горбачов нема да добие државен погреб, но церемонијата ќе има „елементи“ на тоа, според портпаролот.

Во средата наутро по смртта на Горбачов, Кремљ објави кратко соопштение во кое го изрази своето сочувство. Во четвртокот Путин ја посети московската болница каде се чува телото на Горбачов за да му оддаде почит.

Смртта на последниот претседател на СССР на 91-годишна возраст по долго боледување предизвика различни реакции од главните градови на ЕУ, покажувајќи ги ги разголените поделби на Истокот и Западот околу наследството на Горбачов и политиката на Европа кон Русија. Додека многумина на Запад го фалат Горбачов дека овозможил мирен крај на Студената војна, тој е критикуван од источноевропејците дека се обидувал насилно да ги потисне антисоветските чувства на Балтикот.

Односот на Горбачов со Путин беше сложен: Горбачов во минатото го критикуваше авторитаризмот на Путин, но ја поддржуваше руската анексија на Крим во 2014 година. Кога станува збор за руската војна во Украина, еден ден по почетокот на инвазијата тој повика на „престанок на непријателствата“ и започнување на мировни преговори, иако не ја обвини Русија.