Пуштено во употреба ново детско игралиште во Јака, во општина Илинден
Уште едно детско игралиште денеска беше пуштено во употреба во Јака, во Општина Илинден, изградено со поддршка од „Пекабеско“, во насока на одбележување на јубилеј од 45 години постоење на оваа општествено одговорна компанија.
Новото детско игралиште денес го посетија градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски и директорот на Пекабеско, Слободан Кутревски.
Градоначалникот Георгиевски истакна дека ова е второ детско игралиште во Јака, па така децата и од овој дел на населбата добија ново катче каде ќе можат да го поминуваат слободното време во игра и забава. Градоначалникот додаде дека преку реализацијата на овој проект, Пекабеско уште еднаш покажа дека е општествено одговорен член на заедницата.
Директорот, Слободан Кутревски изјави дека ова е еден убав повод, каде во рамки на одбележувањето на јубилејот 45 години Пекабеско е изградено детското игралиште. Во соработка со Општината, Пекабеско донираше финансиски средства со кои се овозможи изградбата на ова детско игралиште кое ќе претставува катче за забава, игра и рекреација на најмладите жители од оваа општина. Децата и најмладите се нашиот најголем приоритет и заслужуваат најдобри услови за раст и развој.
Детското игралиште е опремено со детски реквизити како лизгална, форми на коњчиња, клацкалки, лулашка, клупи, канти за отпадоци за почиста и поубава средина, како и партерно уреден простор со павер елементи.