Пуштен во употреба Набизи ретаил парк во Струга

На површина од 85.000 метри квадратни синоќа во Струга официјално беше отворен Набизи ретаил парк, инвестиција на браќата Камбер и Насуф Бизати.
Првиот трговски центар во државата од отворен тип располага со 1.000 паркинг места, логистички простор од 40.000 метри квадратни и е новата дестинација за шопинг, забава и квалитетно време поминато во Струга.
Приказната на семејството Бизати, како што истакна Камбер, почнала пред 42 години со мала слаткарница, многу соништа и ограничени можности.
– Денес гледајќи каде сме стигнале, чуствувам одговорност да продолжиме да создаваме вредност, да вработуваме, да вложуваме и да го развиваме нашиот регион. Набизи ретаил парк е симбол на одговорност, соработка и верба во иднината, истакна Камбер Бизати.
Изградбата на Набизи ретаил парк, за Насуф Бизати, е личен обид да вратат нешто назад на градот, на заедницата и на сите кои со години им даваат доверба.
– Верувавме во идејата дека и во еден помал град може да се создаде нешто модерно, квалитетно и вредно. Се стремевме да изградиме простор, кој ќе биде функционален, убав, достапен, место каде што ќе живее градот, а не само да го исполнува, рече Насуф Бизати.
На официјалното пуштање во употреба на ретаил паркот присуствуваше и градоначалникот на Општина Струга Рамис Мерко, кој изрази задоволство што Струга расте и напредува.
– Пред 20 години сите викаа дека Струга е село и неможеше да конкурира со ниту еден град во државата. Денеска неможат сите градови во Македонија и пошироко да и конкурираат на Струга. Горд сум јас, а уште по горда е фамилијата Набизи. Струга расте и ќе расте и понатака, истакна Мерко.
Ретаил паркот располага со бензинска пумпа со маркет, хотел, фаст фуд ресторани, кафе барови, roof-top ресторан со катче за деца и детски игралишта, а сместени се и водечки меѓународни и национални брендови – супермаркети, модни и спортски брендови, технолошки гиганти, кафетерии, банки, осигурителни компании и детски катчиња. Проектот предвидува и хотел со 63 соби.