Публиката во МАНУ ги виде сликите на Темков инспирирани од љубовта и виното


Вкупно 81 дело од ликовниот уметник Владимир Темков,  инспирирани од „Свети Трифун“, празникот што се смета за заштитник на лозарите и винариите, се дел од изложбата што синоќа беше отворена во ликовниот салон на МАНУ во Скопје. Изложбата на кавадаречкиот уметник, лани добитник на државно признание, наградата 11 Октомври за животно дело од областа на уметноста и културата,  е насловена „Рапсодија во чаша полна љубов“. 

– Самиот наслов на изложбата претставува единство на двата празника, „Свети Трифун“ и „Свети Валентин“ што се слават на 14 февруари, а всушност ги слават љубовта и виното, ја слават нивната нераскинлива врска што отсекогаш е вечна инспирација за уметниците, вели Темков. 

Изложбата ја отвори академик Влада Урошевиќ, кој се осврна на творештвото на авторот. 

Владимир Темков е дипломиран професор по ликовна култура. Роден е во Кавадарци во 1959 година,  потекнува од работничко семејство. Основно образование завршува во основното училиште „Страшо  Пинџур“, средно уметничко и Педагошка академија во Скопје, а факултет за ликовни уметности – отсек графика и магистерски студии – отсек сликарство завршува на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. 

Кавадаречкиот уметник е основач и организатор на ликовна колонија во Кавадарци, што постои речиси 30 години, а има учествувано на многубројни самостојни и групни изложби, колонии и други културни настани, освоено бројни награди во земјава и во странство. 

Дела на Темков низ годините биле дел од изложби во големи светски културни центри како Њујорк, Париз и други градови низ светот, а самиот има реализирано студиски престои во повеќе светски културни метрополи.