Публиката е нашиот осми играч, да навиваме од срце и фер, апелираат од РК „Алкалоид“ пред реваншот со АЕК


Во пресрет на финалниот ракометен напревар од ЕХФ Европскиот куп меѓу РК „Алкалоид“ и РК „АЕК“, од раководството на македонскиот ракометен клуб порачаа дека навивачите се нивниот осми играч на теренот, апелирајќи да љубовта кон македонскиот ракомет и кон ракометниот клуб „Алкалоид“ да се покаже со фер и спортско навивање.

„Да навиваме со срце, да бодриме со почит и да покажеме дека вистинските навивачи се дел од фер-плејот на теренот“, велат од РК „Алкалоид.

Од македонскиот клуб заблагодаруваат за сета досегашна поддршка и убавите коментари за првиот одигран натпревар против РК „АЕК“.

„Во недела имаме пред нас уште 60 минути тежок и голем предизвик. Публиката како никогаш до сега имаме потреба да нè бодри, да навива за нас, покажувајќи респект и почит кон гостинската екипа, во духот на фер-плејот“, велат од РК „Алкалоид“.

Од таму додаваат дека на трибините во недела ќе биде и нивниот најмлад навивач кој има само две години, а единствената официјална навивачка група на РК „Алкалоид“ „Кафетинки“ се вистински пример за тоа како е да се навива гласно, но од срце и со стил.

„Да бидеме пример за спортска култура кон нашиот тим, гостите и претставниците на европската куќа на ракометот, затоа што спортот не е само борба за победа, туку и празник на почитта, заедништвото и витешката игра.
ДА НАВИВАМЕ ФЕР И СО СРЦЕ: НАПРЕД АЛКАЛОИД!!“, се вели од апелот од Горан Минов, Претседател на РК „Алкалоид“.

Инаку, македонскиот претставник од Атина донесе четири голови предност. Тренерот Кирил Лазаров побара да не се создава еуфорија и неговите избраници без притисок да влезат на средбата.

„Стигнавме до финале важно за Алкалоид и за македонскиот ракомет. Имаме одлична предност од 4 голови. Сепак, секогаш сум претпазлив, треба порелаксирано да го дочекаме натпреварот. Не сакам моите играчи да бидат под притисок. Утре одиме во карантин и верувам дека подготвени ќе го дочекаме реваншот“, изјави Лазаров пред дуелот.

На денешната прес-конференција своите очекувања ги кажа и голманот Иван Галевски кој во Грција одбрани пет пенали од шесте досудени за АЕК.

„АЕК е искусна и силна екипа. Нема да ни биде воопшто лесно. Но ние ќе ја имаме поддршката од нашиот осми играч – публиката. Верувам дека на крајот ќе го кренеме пехарот, изјави Галевски.

Натпреварот Алкалоид – АЕК ќе се игра в недела во СЦ „Борис Трајковски“ со почеток во 20:30 часот.