Публика


ЛЕЈЛА САБИТ

Секоја година, во полна или во празна сала, на концерт, на спортски, политички, бизнис или гала-настан.

Културна, безобразна, задоволна, разочарана, внимателна, невнимателна, се забавува, се досадува, ужива, негодува, седи или стои.

Малку ѝ е еден час, многу ѝ се два часа, тешко ѝ се доаѓа, а потоа тешко ѝ се оди.

Доаѓа од куртоазија, за почит, за мерак, за сеир, да ја видат и да види, да дознае, да озборува, да се дружи, да моли, да молчи или да се дотера.

Домашна или странска, ве иритира или ве нервира, некогаш е урбана, некогаш селска, некогаш достоинствена, а некогаш без достоинство.

Некогаш во тоалета, некогаш во тренирки, на висока потпетица или во патики, како што се чувствува, а не како што налага дрес-кодот.

Бара паркинг, бара превоз, се турка за билети, за влез или за излез.

Пред почетокот :

Доцни најмалку 15 минути.

Влегува кога ќе се изгаснат светлата.

Во темница си ги бара седиштата.

Ја станува публиката што дошла навреме.

Додека трае програмата или говорот:

Си прави гласно муабет.

Разговара или сурфа на мобилен телефон.

Разменува СМС-пораки.

Шушка со кеси или џвака мастика.

Ракоплеска каде што не треба.

Оди на пушење и во тоалет кога ќе ѝ дојде.

Пред крајот :

Не го дочекува културно крајот.

Станува во темница.

Ја станува публиката што останува до крајот.

Не е лесно да си домаќин или организатор во Македонија.

Секој втор е ВИП-гостин, секој сака покана или гага-влезници и во прв ред.

Желбата е пред заслугата, функцијата е пред знаењето.

Кој е точен е неточен, кој доцни е елита.

Во која група спаѓате вие?