„Птици во аквариум; надреализам 1924 – 2024“ може да се продава, одлучи поротата на јавното книжевно судење во Скопје
Не, вечерва, во аулата на Филолошкиот факултет во Скопје, тоа не беше обична промоција на книгата „Птици во аквариум; надреализам 1924 – 2024“, напишана и составена од Лидија Капушевска-Дракулевска и Влада Урошевиќ, со предговор на Владимир Јанковски, а објавена од издавачката куќа „Полица“.
Тоа беше едно од најсензационалните книжевни настани кај нас, со која македонската култура, меѓу првите во Европа, ја одбележа стогодишнината од појавата на надреализмот, движењето што ќе го промени сензибилитетот на модерните времиња.
Ако некој во далечната 1993 година, во центарот на Скопје, го прочитал графитот „Надреализмот не е мртов“, и се прашал дали е тоа навистина така, вечерва, во предвечерието на стоте години од официјалниот почеток на надреализмот, слободно можеме да кажеме : „Да, надреализмот е жив!“ Зашто денес, меѓу другото, живееме во надреален свет, а голем број феномени ги доживуваме како надреални.
Академик Урошевиќ во македонската литература е синоним за надреализмот, и негова голема љубов, а неговото творештво е уникатно и почитувано баш поради мешањето на стварноста и фикцијата, со вметнувањето на фантастиката во литературата и сликарството, источните филозофии и култури, чии предавања како професор на Катедрата по општа и компаративна книжевност, ние, студентите, особено ги сакавме, односот меѓу книжевната критика, историја и помнењето во литературата, преклопувањата и дијалозите меѓу навидум оддалечените култури, влијанието на имагинарното во секојдневниот живот, значењето на археологијата во обликувањето на свеста за нашата цивилизација итн.
Сега, на тој пат го следи и Лидија Капушевска – Дракулевска, негова поранешна асистентка, а сега професор на истата Катедра, и со оваа нивна заедничка сеопфатна аналитичка студија, како своевиден омаж на надреализмот и задолжителна литература во домашните библиотеки и јавните установи. (Л.С.)