ПСЖ го надигра Реал и победи со убедливи 4-0 за финале на Светското клупско првенство

Пари Сен Жермен (ПСЖ) е вториот финалист на Светското клупско првенство. Во полуфиналето, го победија Реал Мадрид со 4-0 и со тоа изборија финале со Челзи. Актуелните победници на Лигата на шампионите го надиграа Реал во секој сегмент од натпреварот и водеа со 3-0 до 24-тата минута со два гола на Фабијан Руиз и еден на Усман Дембеле, а конечните 4-0 ги постави Гонсалo Рамос кон крајот на натпреварот.
Овој натпревар го означи и официјалното и последно збогување на Лука Модриќ со Реал. Долго време се знаеше дека хрватскиот капитен се збогува со Реал по Светското клупско првенство и дека заминува за Милано, а со овој пораз, Реал го заврши својот настап во ова натпреварување. Модриќ влезе во игра во 64-тата минута со громогласен аплауз од публиката, но дури ни тој не можеше да му помогне на Реал.
ПСЖ веќе водеше со 2-0 до деветтата минута. Прво, во шестата минута, Руиз постигна гол по големата грешка на Раул Асенсио. Дембеле му ја украде топката во шеснаесетникот и се упати кон голот, а Тибо Куртоа потоа го собори Дембеле, а судијата Шимон Марцињак беше подготвен да досуди пенал. Немаше потреба за тоа бидејќи Руиз дојде до топката и ја турна во празната мрежа.
Само три минути подоцна, вториот гол беше постигнат по уште една колосална грешка на одбраната на Реал. Антонио Рудигер беше последен човек во одбраната и ја промаши топката кога имаше намера да ја додаде, а Дембеле ја искористи таа можност и се стрча сам кон голот, останувајќи смирен во реализацијата.
Реал не успеа да се опорави од тој почетен шок до крајот на натпреварот. ПСЖ доминираше на теренот, имаше речиси 70 проценти од поседот на топката и му дозволи на Реал само два удари кон голот, од кои ниту еден не претставуваше сериозен предизвик за Џанлуиџи Донарума.
Руиз го зголеми резултатот на 3-0 во 24-тата минута со својот втор гол. Парижаните одиграа прекрасен, но едноставен потег. Сè започна со Донарума, тимот на Реал беше надигран во неколку додавања, а Ашраф Хакими истрча по десната страна и го пронајде Руиз на далечната статива, кој беше брилијантен во реализацијата.
Конечните 4-0 ги постигна Рамос во 88-та минута. Фудбалерите на ПСЖ одиграа контранапад, Бредли Баркола имаше шанса да шутира, но сепак му ја остави топката на Рамос, а тој постигна гол од блиску и го потврди пласманот во финалето, кое е закажано за недела во 21 часот.