Психолози, биотехничари, економисти ќе го решаваат сообраќајот


Фото: Б. Грданоски

Додека луѓето гинат по улиците, а бројот на жртвите во летниот период се зголемува, новиот состав на советодавното тело за унапредувањето на безбедноста во сообраќајот уште официјално нема почнато со работа. Одлуката за разрешување на старите членови и именувањето нови беше објавена во „Службен весник“ на 28 мај, пред речиси еден месец. Според последните информации што можат да се добијат од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот, новата претседателка Гордана Кожуваровска ги средува документите во Централниот регистар и наредните десетина дена најверојатно официјално ќе профункционира новиот состав.

Она што паѓа во очи е што и во новиот состав од над дваесет члена, кои земаат надомест од државата, најголем дел од нив немаат никаква врска со сообраќајот. Претседателката Кожуваровска е магистер по сообраќај и според грубите пресметки има уште тројца сообраќајни инженери, сите од внатрешноста на Македонија. Останатите членови се правници, економисти, политколози, психолози. За член на телото е избран Никола Чичо, политиколог од Струмица, Хавуше Лесковица-Исмаили правник од Куманово, Фиторе Зибери, психолог од Тетово, Низам Шахини, дипломец на бизнис-администрација од Липково, а сообраќајните проблеми ќе ги решава и еден биотехнички лаборант од Тетово. Меѓу членовите е и еден дипломиран офицер за воздухопловни операции.

Освен членови со несоодветно образование, за безбедноста на сообраќајот ќе се грижи и Вјолца Бајрами, вработена во кабинетот на претседателот на Собрание и Оливер Лукароски, советник на министерот за внатрешни работи.

И поранешниот претседател на ова тело Стојче Стаменковски е дипломиран економист, а и во минатиот состав сообраќајните инженери се броеја на неколку прста. Сепак, Стаменковски е задоволен од она што го сработиле.

„Јас лично сум задоволен од сработеното. Минатата година имавме драстично намалување на бројот на жртви. Секогаш може повеќе, но треба да се земе во предвид дека телото функционира со мал капацитет и нема редовно вработени. Членовите не се со секојдневен ангажман, туку само носат одлуки што телото треба да ги спроведува. Ова функционирање е воспоставено многу одамна и треба да претрпи измени. Долго време се најавува и мислам дека треба да се формира агенција за безбедност на патиштата, како во сите европски земји. Со формирањето ваква агенција ќе се води сметка за компетентноста на членовите“, вели Стаменковски.

Кај нас ова тело на јавноста ѝ е познато единствено по рекламните кампањи што ги прави за побезбеден сообраќај. За избор на членовите не се објавува оглас, туку тие се избираат со политички договор меѓу партиите, односно по предлог на Комисијата за избори именувања.

При изборот на новите членови, опозицијата ја обвини власта дека прави политика од промена на членовите во советодавното тело и тврдеа дека новата претседателка била советничка во општина Битола. Поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, пак, присуствуваше на речиси секој настан на поранешниот состав на ова тело, а во 2010 доби и благодарница за добрата соработка.

Според Законот за безбедност во сообраќајот, за финансирање на ова тело се издвојува 1,5 отсто од надоместокот што се наплаќа за технички преглед или регистрација на возила, а се издвојува и еден отсто од парите за патарини, односно се финансира со парите на граѓаните.

За унапредување на безбедноста на сообраќајот на патиштата, Собранието на Република Македонија донесува национална стратегија за безбедност на сообраќајот на патиштата, за период од пет години. Во последната стратегија на телото предговор имаат напишано поранешниот премиер Никола Груевски и поранешниот собраниски спикер Трајко Вељаноски.

Меѓународните институции и Европската комисија бараа формирање водечко тело за намалување на бројот на жртвите во сообраќајот кое ќе ги има сите ингеренции за тоа. Сега неколку институции, Министерството за внатрешни работи, Министерството за транспорт и врски и советодавното тело ги мешаат своите ингеренции и ја префрлаат вината за големиот број жртви. Речиси во сите извештаи на ова тело, човечкиот фактор е главна причина за сообраќајките во земјава.

Фросина Факова – Серафиновиќ

Фото: Б.Грданоски