Првпат се дозволува продажба на сурово млеко преку млекомат

Овчо сирење, козја сурутка, мед и јајца, но и месо, риба и дивеч ќе може директно да се купува од земјоделците што ги одгледуваат или произведуваат. Со нов правилник се регулирани условите под кои фармерите и малите стопанства ќе ги пласираат своите производи до крајните потрошувачи, маркетите или угостителските објекти. Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Зоран Атанасов вели дека тие се поедноставени споредено со оние кои важат за големите земјоделски капацитети но дека задоволуваат неопходни хигиенски и безбедносни критериуми за исправна храна.

„Фармерите и малите производители нема да зависат од откупувачите. Целта е да се олесни пласманот на нивните производи“, појасни Атанасов додавајќи дека во изготвувањето на новиот правилник биле консултирани сите засегнати страни и дека ќе следи презентација пред примарните одгледувачи за да се запознаат со новите услови.

За некои производи се ограничени количините што од фарма може директно да се продаваат. Сурово кравјо млеко може да се пласира најмногу 700 литри неделно, но за овчото, козјото и другите млека нема ограничување. Суровото млеко може да се доставува до крајните потрошувачи и непакувано, во чисти садови. Првпат се дозволува продажба на сурово млеко преку млекомат. Со правилникот се дозволува и работа на мобилни кланици кои може да се движат од една на друга локација, фарма или ловиште. Ловците што отстрелале дивеч може да го продаваат директно, ако претходно го прегледало обучено лице, а крупниот дивеч и ветеринар. Пчеларите можат својот мед да го продаваат на цела територија на државата, до 1.000 килограми годишно. Тие што одгледуваат кокошки можат да продадат директно до 350 јајца неделно или 18.000 јајца годишно. Риболовците можат да продадат 1.000 килограми уловена риба годишно.

Производителите што користат традиционални методи можат да употребуваат дрвен алат и садови во приготвување на производите, да вршат ферментација во простории од дрво и камен како и да ги изложуваат производите на сонце.

Правилникот важи од први септември оваа година.