Прво сослушување на Унгарија пред Советот на ЕУ за нарушувањето на правната држава


Унгарската Влада денеска за првпат ќе биде сослушана пред министрите за надворешни и европски работи на ЕУ во врска со нарушувањето на владеењето на правото.

Ова сослушување доаѓа една година откако Европскиот Парламент гласаше за активирање на “членот седум“, нуклеарната опција предвидена за земјите на ЕУ кои ги прекршуваат начелата на правната држава.

Унгарската министерка за надворешни работи, Јудит Варга, попладнево ќе биде сослушана од страна на нејзините колеги од другите земји членки на ЕУ, сесијата треба да трае околу три часа.

Една година беше потребна за Советот за општи работи на ЕУ да ја закаже оваа седница, досегашните претседателства (Австрија и Романија) не успеаја да ја стават на агенда. Иницијативата доаѓа овој пат од финското претседателство.

Варга ќе треба да одговара на прашања поврзани со контроверзните судски реформи во Унгарија, како и односот кон бегалците и мигрантите, но и конфликтот со Централноевропскиот Универзитет кој беше приморан да се повлече од Будимпешта. Освен земјите членки на ЕУ, право на прашања и забелешки има Европската Комисија, која ги покрена бројните прекршочни процедури против Унгарија пред Европскиот суд за правда.

Европратениците во септември 2018 се изјаснија за активирање на членот седум, односно суспендирање на правото на глас на Унгарија во Советот на ЕУ поради нарушување на начелата на владеењето на правото и загрозување на демократијата, но мерката мора да биде одобрена и од Советот на ЕУ (земјите членки), што е речиси невозможно поради тоа што одлуката се носи со консензус, а веќе е извесно дека Полска, која се наоѓа во слична ситуацијата, ќе гласа против.

Полска, исто така, денеска ќе биде тема на разговорите на министрите, како и генералната состојба во владеењето на правото во ЕУ и алатките за зајакнување на надзорот врз земјите членки.

Неколку варијанти се на маса. Белгија и Германија, на пример, предложија механизам на проверка од страна на другите земји членки.

Дебатата на министрите ќе биде јавна.