Првите попусти за роаминг на податоци од октомври 2023, целосно укинување во 2027


Фото: Б. Грданоски

 

Декларацијата за роаминг меѓу дел од операторите од ЕУ и операторите од Западен Балкан, која беше потпишана во Тирана во рамки на Самитот ЕУ-Западен Балкан, а со цел да се намалат цените на „сообраќајот на податоци во роаминг“, предвидува дека корисниците ќе ги почувствуваат првите придобивки веќе во октомври 2023 година.

Директорот на Телеком Србија, потврди дека оваа декларација е исклучително важна и единствен влез во втората фаза од имплементацијата на проектот спонзориран од ЕУ за да се направи цела Европа област без роаминг.

„Големиот попуст од октомври 2023 година првенствено ќе се однесува на сообраќајот на податоци бидејќи знаеме дека луѓето денес најмногу користат интернет и апликации. До мај 2023 година ќе бидат прецизно дефинирани тие попусти, кои ќе бидат значителни, односно многукратно пониски од сега“, изјави Владимир Лучиќ за „Еуроњус Србија“.

Целосното укинување на роамингот за граѓаните од Западен Балкан кои живеат во земјите членки на ЕУ и обратно треба да дојде во 2027 година.

„Постојат одредени технолошки и комерцијални фази кои ќе направат овој процес да трае до 2027 година. Низ истата процедура поминаа и членките на ЕУ кога го укинаа роамингот внатрешно. Бидејќи ја имаме поддршката од Европската комисија, од 2027 година операторите од Западен Балкан ќе бидат целосно интегрирани во тој концепт, така што нема да има дополнителни трошоци за роаминг и корисниците, каде и да се, ќе имаат иста тарифа“, додава Лучиќ.

Иако теоретски целосното укинување на роаминг би значело и губење на приход за операторот, Лучиќ вели дека овој договор е пред се во интерес на корисникот, но и дека на операторот му се дава можност да обезбеди нови услуги каде што може да ги замени изгубените пари. На пример, откако беше укинат роамингот во ЕУ, сообраќајот е зголемен за дури 400 пати.

„Тоа е чист приход. Претходно туристичките земји се плашеа од губење на профитот од роаминг. Но, корисниците почнаа да користат роаминг на податоци и повторно се покажа дека и по укинувањето на роамингот, истите тие земји имале најголем приход. Искуството на Европа покажа дека тоа беше добра одлука“, посочува тој.

Инаку, само двајца оператори од Западен Балкан не ја потпишаа декларацијата, веројатно од технички причини.

„Декларацијата останува отворена и се надевам дека ќе и се придружат сите оператори затоа што е сосема нормално и здраво и, повторно велам, под покровителство и поддршка на Европската комисија“, заклучува Лучиќ во интервјуто за „Еуроњус Србија“.