Првата дама Ѓоргиевска на „Охридско лето“ во црна тоалета со неколку слоеви симболика (фото)
Вечерна тоалета без ракави во црна боја, која заедно со деталите во косата, носат во себе неколку слоеви на симболика поврзани со Охрид, избра првата дама, проф. д-р Елизабета Ѓоргиевска за отворањето на 63. Охридско лето што синоќа се отвори под покровителство на претседателот Пендаровски.

Во преполниот Антички театар, во магична атмосфера, Ѓоргиевска пак блесна ненаметливо, достоинствено, елегантно, во дизајн кој беше посебен дизајнерски и занаетчиски предизвик. Иако едноставен во горниот дел, со дискретен појас, во долниот дел, кој благо се шири во едноставен крој, нацртан е лебед, симболот на Охридското езеро, со кои наутро се будиме и навечер го гледаме зајдисонцето.

Тоалетата, веќе носена претходно за отварањето на престижниот меѓународен фестивал, ѝ се поклонува на одржливата мода чиј поборник е нашата прва дама, како тоа го прават и принцезата од Велс, Кејт Мидлтон и шпанската кралица Летиција.

Косата на Ѓоргиевска и беше собрана во едноставна барокна пунџа, со две сатенски виолетови ленти како украс, со парче накит од охридската уметница Марта Пејовска, прогласена за ЕУ личност на годината.

Кога се работи за настани на високо државно ниво, потребна е елеганција и совршена изработка, но и добро да се одмери дозата на модерност и стил кој треба потполно да одговара на персоналитетот на првата дама. А Ѓоргиевска и нејзиниот тим тоа го прават успешно за секој гала и добротворен настан, и за панел дебати. (Л.С.)

