Првата дама Елизабета Ѓоргиевска во црн коктел фустан на отворањето на „Браќа Манаки“

Првата дама на државата, Елизабета Ѓоргиевска, се појави во елегантен црн коктел фустан со А-крој со апстрактен принт на десната страна, за време на отворањето на филмскиот фестивал „Браќа Манаки“ синоќа во Битола. Таа го придружуваше сопругот, претседателот Стево Пендаровски, кој е и покровител на овој фестивал, а домаќин им беше актерот Мони Дамевски како нов директор на „Браќа Манаки“ кој годинава слави 42 години од постоењето.
Ѓоргиевска изгледаше ненаметливо, достоинствено со изборот на тоалетата која ја искомбинира со бежови салонки и плик чанта во истата нијанса. И претседателот Пендаровски беше елегантен во темниот костум со вратоврска во омилената виолетова боја.
Со секоја своја појава, изглед, ангажираност во иницијативи од хуманитарен, едукативен аспект, наменети за деца, или насочени кон женски прашања- првата дама дискретно потенцира дека не е само лик кој го почитува протоколот, и кој избира соодветна облека со македонски потпис за да ѝ се допадне на јавноста. Таа е дама која го сфатила статусот сопруга на претседателот како можност со него да се предизвика позитивна промена во опшеството, а на овој гала-настан нејзиниот ненаметлив изглед сочувствуваше со жртвите од пожарот во модуларната болница во Тетово кој ја потресе Македонија, и нивните семејства. (Л.С.)