Прва изложба на откупените и подарените дела на Националната галерија во Чифте амам, во фокус легатот на Лазар Личеноски
Од 2015 година по желба на неговата сопруга Зое, куќата на Лазар Личеноски (изградена во 1961 година, по план на славниот македонски архитект Славко Брезоски) станува сопственост на државата, а таа ја доделува на управување на Националната галерија, и врз неа тековно се изведуваат конзерваторско-реставраторски зафати

Националната галерија на Македонија на 19.6.2025 година (четврток), во објектот Чифте амам во 20 часот ќе ја отвори групната изложба „Аквизиции и донации (2014 – 2024)“. Како што укажува и самиот наслов, овој проект се однесува на откупените и подарените дела на колекцијата на Националната галерија во период од 10 години и е всушност прва изложба од овој тип во рамките на активностите на галеријата. Претставувањето на аквизициите и донациите е редовна пракса во светските музеи, со што се постигнува поголема видливост на колекциите, запознавањето на јавноста со делата и авторите, со што секако се допира и едукативниот сегмент на презентацијата.
Притоа, една од потребите за реализација на ваков проект и вид на презентирање е содржана во основата на визијата и мисијата на музејското работење – собирање, чување, истражување, заштита, презентација и публикација на музејскиот материјал. Музеите како чувари на културното богатство на делата прибавени по пат на откупи и добиени како подароци од авторите, се воедно и рефлексија на тековната уметничка практика, и од своја страна ги потенцира приоритетите и значењето на колекциите преку, се надеваме, континуирани откупи од страна на државните фондови и селекција од страна на стручни лица. Заради обемот на дела прибавени во последните 10 години, а изложбата ќе биде претставен селектиран избор на дела.
Како издвоен дел од оваа селекција, ќе бидат изложени и уметнички слики од легатот на Лазар Личеноски, кој зад себе остави големо наследство, движно и недвижно. Од 2015 година по желба на неговата сопруга Зое, куќата на Лазар Личеноски (изградена во 1961 година, по план на славниот македонски архитект Славко Брезоски) станува сопственост на државата, а таа ја доделува на управување на Националната галерија, и врз неа тековно се изведуваат конзерваторско-реставраторски зафати. Со тоа и значителен легат на Личеноски кој содржи е 122 слики, 37 мозаици и 5 зграфита, дела на Личеноски, како и 77 дела од други автори, 21 икона (XVIII – XIX век) и голем број етнолошки, библиотечен и архивски материјал е предаден на Националната галерија.
Кустос на изложбата е Маја Чанкуловска-Михајловска, виш кустос, и соработник м-р Владимир Таневски, кустос. Изложбата ќе биде отворена до 31.7.2025 година.