Канадски „Магна мехатроникс“ ќе инвестира 40 милиони евра и ќе вработи 600 лица во ТИРЗ Штип

Тест производството ќе стартува веќе годинава, а сериското во првата половина од наредната година, најавија премиерот Ковачевски и директорот на Дирекцијата на ТИРЗ, Деспотовски


 

Нови 40 милиони евра инвестиција и најмалку нови 600 работни места во Технолошко индустриската развојна зона во Штип ќе донесе фабриката која што ќе ја изгради канадската компанија „Магна мехатроникс“ и во која же се произведуваат компоненти за автомобилската индустрија. Инвестицијата денеска на прес конференција ја најавија премиерот Димитар Ковачевски и директорот на Дирекцијата на ТИРЗ, Јован Деспотовски, посочувајќи дека тест производството ќе стартува веќе годинава, а сериското во првата половина од наредната година.

„Канадската компанија ‘Магна интернационал’, која дизајнира, развива и произведува автомобилски системи модули и компоненти кои се испорачуваат на сите најзначајни производители на автомобили во светот оствари стабилен раст на европскиот пазар и се појави потреба од нова фабрика на една од деветте групации“, рече премиерот Ковачевски.

Тој посочи дека по спроведеното истражување на потенцијални локации за отворање на нова фабрика во Европа кое опфати повеќе држави, компанијата одлучи да инвестира и да отвори фабрика во нашата земја на понудената локација во технолошко развојната зона во Штип.

„Значи, по отворањето на фабрика во ТИРЗ Струга за производство и склопување ретровизори, и други технолошки продукти за автомобилската индустрија, каде според бизнис планот на компанијата ќе се вработат илјада луѓе, во ТИРЗ Штип компанијата ќе отвори нова фабрика каде тест производството се планира да започне годинава, а сериското производство ќе започне во првата половина од 2024 година“. Рече Ковачевски.

Директорот на Дирекцијата на ТИРЗ, Јован Деспотовски рече дека во фабриката на „Магна мехатрионикс“ ќе изнесува 40 милиони евра и дека во неа се превидени најмалку нови 600 работни места.

„Ова е ветување кое што го дадовме минатата година и го исполнуваме денеска“, рече Деспотовски.

Тој посочи дека извозот од ТИРЗ лани достигна 3,7 милијарди евра, односно е за 25 проценти повисок од претходно највисоката сума.

„Увозот расте, но со побавна динамика од извозот, така што 2022 година е завршена со нето ефект од 350-400 милиони евра позитивна разлика помеѓу извозот и увозот, пари кои што се останати во домашната економија. Според првичните пресметки, 40 отсто од овие средства останаа во Буџетот на државата и во џебовите на повеќе од 16.300 работници кои што се веќе ангажирани во компаниите кои што оперираат во ТИРЗ“, рече Деспотовски.

Тој додаде дека обемот на државна поддршка се зголемува, а за секој денар дадена поддршка, во Буџетот се слеваат четири денари.

„Тоа значи дека имаме зголемен обем на инвестиции, но и зголемен квалитет на самите инвестиции“, рече Деспотовски.

Премиерот Ковачевски рече дека изминатата 2022 година компаниите во ТИРЗ ја завршиле со нови 2.300 нови работни места, над 430 милиони евра нови инвестиции и рекорден извоз.

„Верувам дека Северна Македонија може повеќе да напредува и да се развива и среќен сум што такви можности препознаваат и многу странски инвеститори и одлучуваат да инвестираат токму овде кај нас“, рече премиерот Ковачевски.

Инаку според податоците од интеренет страницата на ТИРЗ, зоната во Штип е најголемата зона со површина од 206.45 хектари. Лоцирана е северозападно од градот Штип, при влез од правец на Скопје. Во зоната активно оперираат три компании од кои две компании произведуваат делови за автомобилската индустрија, а една компанија произведува топлотни разменувачи за бојлери.  (М.Ј.)