(Прва) дама


ЛЕЈЛА САБИТ

Некогаш е добро да си прва, а некогаш последна.

Дама во животот на мажот или во офисот на претседателот.

Се заслужува по службена должност, или со однесувањето.

Ја губите приватноста, ама добивате на престиж.

Секој ве мерка, ве проценува, ве озборува, ви се восхитува или ве копира.

Еднаш ја играте улогата на домаќинка, друг пат на модна икона.

Еднаш на верна, друг пат на измамена сопруга.

Еднаш на ангажирана, а друг пат на хумана дама.

Не секоја жена може да биде дама, ниту пак секој кандидат станува претседател.

Не секоја дама останува запаметена во животот на мажот или во историјата на државата.

Тоа што жена може да и направи на дама, никој не може.

Џеки Кенеди ја фалат за стилот, а ја жалат за Мерлин Монро.

Хилари Клинтон беше меѓу 50 најуспешни адвокатки додека не се појави Моника Левински.

Меланија Трамп се чуваше од актерки и од првата ќерка.

Внимаваше на стилот и на оскудната биографија.

Првите дами знаат дека ништо не е како што изгледа.

И во Америка и секаде низ светот.

Џил Бајден знае, беше во улогата на втора дама.

Ама дами се, молчат, не им личи да издаваат.

До следниот маж или претседател!