Почит за македонските џез автори- прв концерт на Националниот џез оркестар на 23 јануари
Во мај се очекува да заврши реконструкцијата на новиот „дом“ на Оркестарот, од 475 метри квадратни под НОБ, за што се обезбедени 10 милиони денари од ТАВ програмата
Националниот џез оркестар својот прв концерт ќе го одржи на 23 јануари, во 20 часот, во просториите на Националната опера и балет.
Како што соопштија од Национален џез оркестар, овој концерт ќе претставува еден вид симбиоза на биг бенд творештвото на истакнати македонски џез автори од повеќе генерации, и со него свечено ќе биде одбележан почетокот на концертната сезона на Оркестарот.
-За месеците кои следат, новата национална установа подготвува внимателно избран репертоар кој ги следи актуелните трендови во џез музиката, но вклучува и изведби на џез класици од домашната, регионалната и светската џез сцена, како и гостувања на еминентни музички имиња. Билетите може да се набават онлајн, се вели во соопштението на Национален џез оркестар.
Во мај се очекува да заврши реконструкцијата на новиот „дом“ на Оркестарот, од 475 метри квадратни под НОБ, за што се обезбедени 10 милиони денари од ТАВ програмата.
„Станува збор за простор каде колегите музичари ќе имаат проби, креирање на уметност, жанр кој е многу важен за развојот на музичката култура во Северна Македонија, изјави, лани, во декември, директорот на Националната опера и балет Васко Ристов за време на потпишувањето на договорот.
– Овој објект по својата опременост мора да биде според светски стандарди, а изведбата на беспрекорно ниво. Затоа на сите чекори досега се работеше внимателно и темелно не само поради специфичноста на Куќата на џезот, туку и поради фактот дека културата не смее да си дозволи уште еден објект чие реконструирање и адаптација ќе траат кратко време, а потоа неговото одржување ќе биде агонично и прескапо. Такви објекти наследивме и доста е, потенцираше тогаш министерката за култура Костадиновска Стојчевска.