Прв бизнис семинар за јапонската и македонската бизнис заедница


Амбасадата на Јапонија во Северна Македонија го организираше првиот бизнис-семинар за поврзување на јапонската и македонската бизнис-заедница на 11 март во Скопје.

На настанот беа претставени девет глобални јапонски компании од различни сектори, како енергетика, фармација, автомобилска индустрија, градежништво и финансии.

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, г. Тимчо Муцунски, одржа воведно обраќање, изразувајќи силна надеж за унапредување на билатералната трговија и инвестиции. Во поздравниот говор, амбасадорката на Јапонија, Сецуко Кавахара, ја истакна важноста за фасцилитација на директната комуникација и вмрежување меѓу двете страни.

Секој претставник на јапонските компании ги презентираше бизнис портфолиото и своите бизнис интереси во регионот. Потоа следеше панел-дискусија, на која две македонски компании со долгогодишно и успешно партнерство со јапонски компании ги споделија своите искуства и совети за соработка со Јапонија. Семинарот заврши со сесија за вмрежување.

За повеќе информации, ве молиме контактирајте: [email protected], се вели во соопштението на Амбасадата на Јапонија.