Пругата Куманово – Бељаковце се реконструира со полна динамика


 

Почната е изградбата на осум подвозници и шест надвозници во рамки на градежните активности за реконструкција на пругата Куманово-Бељаковце од европскиот Коридор 8, соопштија денеска од Железници на Македонија. Во периодов се довршуваат започнатите работи на пет надвозници, два подвозника, два пропусти и мостот на река Пчиња.

„Интензивно се работи на довршување на станичните објекти во железничките станици Ново Куманово, Шупли Камен и Бељаковце, а во фаза е и изработка на основен проект за реконструкција на станичната зграда во железничка станица Куманово. Со претходниот проект не беше предвидена реконструкција на оваа станична зграда, но како резултат на соработката со Општина Куманово и оваа задача беше доделена на новиот изведувач на работите“, информираа за МИА од претпријатието.

Дел од активностите се спроведуваат и во населени места како што е населбата Перо Чичо, каде продолжи изградбата на нов надвозник кој ќе биде поставен паралелно со железничкиот подвозник. Од претпријатието наведуваат дека ќе се изгради и звучна бариера помеѓу пругата и куќите во непосредна близина.

Дивата депонија е еден о проблемите при изградбата. Во соработка со општината таа треба да се исчисти по што ќе постави ограда околу пругата и ќе се оформи градилиште на кое невработените лица нема да имаат пристап.

Градежни активности се планирани и во село Лопате каде железничките пруги од Коридор 8 и Коридор 10 се вкрстуваат со регионалниот пат кој води кон селата Липково и Опае.

„Со претходниот проект беше предвидена изградба на подвозници на местото на патниот премин. Меѓутоа, беше констатирано дека ова решение има бројни недостатоци како високи подземни води кои претставуваат проблем не само при изградба, туку и во фаза на експлоатација. Затоа, се пристапи кон изнаоѓање на ново техничко решение со кое се предвидува девијација на регионалниот пат и изградба на надвозник кој ќе оди преку пругите од коридор 8 и коридор 10“, велат од претпријатието.

Надлежните објаснуваат дека со новото решение ќе се надминат претходните проблеми и ќе се зголеми безбедноста на мештаните. Надлежните експерти одржале средби со населението од Лопате на која ги информирале за новото решение.

„Некои беа задоволни, но некои од присутните изразија загриженост, бидејќи за изградба на надвозникот и овој пат е потребна експропријација, се нарушува комуникацијата на која се навикнати и предложија девијацијата да се приближи кон реката. Проектантите се согласија да ги разгледаат предлозите на присутните и да проверат дали и колку може да се коригира ова техничко решение, како и да се обезбеди пристап до сите објекти“, велат од ЈП.

Од претпријатието велат дека безбедноста на жителите, вработените е приоритет, за што се оформени градилишта на кои невработените немаат пристап.

Покрај изградбата на трите станици Ново Куманово, Шупли Камен и Бељаковце во кумановско, предвидена е и изградба на шест стојалишта: Лопате, „Перо Чичо“, Проевце, Доброшане, Клечовце, Довезенце кои ќе овозможуваат брза и сигурна комуникација.

Градежните работи за реконструкција на пругата Куманово-Бељаковце, продолжија во октомври 2022 година. Нов изведувач на работите е „Штрабаг“, а надзорот на работите го врши италијанската компанија ИРД. Со овој проект се предвидува реконструкција на пругата во должина од 30,8 километри.