Провокаторите од Бугарија денес во Баница ќе му градат спомен плоча на Гоце Делчев
Во бугарското собрание повторно се слушаа ламентации околу положбата на бугарското малцинство во Македонија

Првиот човек на бугарската „Фондација Македонија“, Виктор Стојанов, кој се најде на црниот список на МВР и не му беше дозволен влез на последното одбележување на годишнината од раѓањето на Гоце Делчев, сега ќе оди во Баница, за да положи венец и да процени каде да стават спомен плоча на, како што вели, бугарскиот револуционер. Според она што го објави јавно, за тоа добиле дозвола од властите во Грција, а на чинот денес ќе одржи молитва и поп. За најновиот поход по наследството од Делчев Стојанов обезбедил бесплатен превоз за сите што сакаат да се приклучат.
Стојанов наедно ги оцени како апсурдни обвинувањата против првиот човек на бугарскиот културен клуб „Ванчо Михајлов“ за ширење етничка омраза и за дистрибуирање ксенофобичен материјал и притоа се закани дека со своите следбеници ќе организира „гандиевски протест“ и ќе ја блокира границата со Македонија, што ја нарекува „Скопје“…
„Сакам да го видам целиот бугарски народ како како скока да го заштити Љупчо од Охрид. Сакам обвинителството во Скопје да ми ги подигне истите обвиненија како за Љупчо – еве јавно кажувам дека стојам зад секој негов збор и постапка за која го обвинува скопското обвинителство. Ванчо Михаилов е голем човек и наш херој. Го чекам моето обвинение! Ако не добијам во рок од 30 дена, јас и моите пријатели ќе се префрлиме на методите на борба на Ганди – со мирни средства ќе го блокираме Скопје, неговите граници за почеток“, порача Стојанов преку Фејсбук.
Сто и дваесетгодишнината од раѓањето на Гоце Делчев беше повод и за вербални напади во бугарското Народно собрание утрово, при што Тошко Јорданов од развластената партија Има таков народ (ИТН) оцени дека откако паднало ветото почнал голем терор кон Бугарите во Македонија. Според него, речиси истите партии што го изгласаа тогаш симнувањето на ветото сега се повторно во собранието што, како што оцени, „емотивно и морално
се квалификува како национално предавство“.
„Кога тепаат Бугари во Македонија, кога пукаат по бугарски клубови, кога ги затворааат и почнуваат политички судски процеси против нив, вие сте виновни. Вие не сте Бугари во главите“, рече Јорданов. Тој е категоричен дека бугарската држава отсега има две опции – или ќе направи сѐ што е можно за да ја скрши антибугарската пропаганда и дејствувањата на Македонија, или сите ќе продолжат да бидат патриоти само на празници.
„Имаме многу гревови кон нашите сонародници од Република Северна Македонија и кон нашата сопствена историја. Еден од нив е пренесувањето на смртните останки на Гоце Делчев од раниот повоен комунистички режим во Софија до југословенските власти во Скопје. Ова предавството е кулминација на лакејството на тогашната бугарска влада кон Москва,
чии последици сè уште одекнуваат во регионот и нѐ обврзуваат да инсистираме до ден-денес
на историската вистина“, изјави Елисавета Белобрадова од пратеничката група на ПП-ДБ. Таа прочита декларација за 120-годишнината од смртта на Геце Делчев.
„Неговата неисцрпна енергија, решителност и бестрашност, безусловна посветеност на борбата за ослободување на поробените Бугари, им вдахнуваше надеж на угнетените и сила на истомислениците“, истакна Белобрадова и додаде дека за него се пеат и се пишуваат песни,мно „најсилно свети како водечка светлина големината на неговиот подвиг да се жртвува во името на слободата на Бугарија“.
Белобрадова изјави дека Гоце Делчев им оставил аманет да ги почитуваат бугарските традиции,
културата и историјата и врз основа на овие вредности и одговорности да ги одржуваат врските со сонародниците надвор од границите на Бугарија – „затоа што тие се Бугари ни помалку ни повеќе од секој од пратениците во пленарната сала“.
Таа нагласи дека не е помал грев што бугарските институции продолжуваат да се однесуваат со рамнодушност кон Бугарите во РСМ.
„Во РСМ сѐ уште е забрането да се биде Бугарин. Ако го кажеш гласно, си организирал политички или физички процес на самоубиство. Бугарската влада веќе не може да остане рамнодушна на прогоните на кои се подложени македонските Бугари. Нивното вклучување во уставот на РСМ и во другите закони на државата, на исто ниво со сите други народи, не е само задолжителен услов за почеток на преговорите за членство во ЕУ, туку и првиот важен
чекор кон вистинска еднаквост, со која треба да бидат интегрирани во политичкиот,
општествениот и културниот живот на македонската држава“, категорична е Белобрадова.
„Повикуваме на итен прекин на политичките процеси против лидерите на
македонските Бугари, кои бараат само еднаквост и достоинствено место меѓу
остатокот од граѓаните на РСМ“, изјави таа и додаде дека во исто време треба
да го оставиме јазикот на омразата зад себе, да ја оставиме поделбата и никогаш да не заборавиме на историската вистина и како да се помириме со неа.
„Денеска нема наши претставници во Скопје на одбележувањето на годишнината, нема ни претставници на РСМ на одбележувањето во градот Гоце Делчев, а нема ни заедничка делегација во селото Баница. Одговорноста за ова е споделена, како и духовната должност што ни ја остави самиот Гоце Делчев“, заклучи Белобрадова.
Бугарија ќе организира своја свеченост вечерва во црква во градот Гоце Делчев на која ќе присуствува претседателот Румен Радев и ќе биде служена погребна молитва.
Откако Зоран Заев и Бојко Борисов го потпишаа обновениот договор за пријатеслтво и добрососедство во 2017 година, имаше неколку обиди за заедничко славење кои завршија со последното скандалозно провоцирање, кое резултираше со апсења и црни листи за бугарски политичари, на кои им е забранет влез во Македонија.
Еве неколку фотографии од тие славења кои место да придонесат за подобри односи, беа искористени за провоцирање непријателства. (Н.В.)
