Провладините медиуми ја обвинија Германија дека се вмешала во изборите во Србија

Александар Вучиќ изјави дека најубава честитка после изборите добил од францускиот претседател Емануел Макрон


 

Германската медиумска куќа Дојче веле  во реакција за порталот „Јуропијан вестерн балканс“ ги демантираше наводите на српските провладини медиуми дека е вмешана во актуелните антивладини протести.

„ДВ не застапува ниту една политичка гледна точка во Србија и затоа зазема неутрална позиција за постизборните протести“, се наведува во писмената реакција од овој медиум.

Со барање да се поништат белградските избори и да се распишат нови, претставници на опозициските партии и граѓани веќе трет ден протестираат пред седиштето на Републичката изборна комисија. За четврток е најавен уште еден протест. Граѓаните и опозициските политичари тврдат дека победата на владејачката Српска напредна партија во Белград е резултат на изборна кражба, а доказ за тоа се бројните видеа кои од денот на изборите кружат на социјалните мрежи и медиумите, а кои докажуваат бројни изборни нерегуларности.

Речиси сите провладини таблоиди на своите насловни страници имаа написи за дискредитација на организаторите на протестите, вклучително и неформалната група „Студенти против насилството“, која ја сочинуваат млади луѓе и студенти на белградскиот универзитет.

„Германски прсти во насилство пред седиштето на РИК: Берлин под жито поттикнува протест“, е текстот објавен на насловната страница на „Вечерње новости“ кој го презедоа сите провладини медиуми, вклучително и „Политика“.

Во текстот се наведува дека „интересот на западните служби за изборите во Србија не стивнува и по затворањето на избирачките места, а Германците се особено активни во анимирањето на протестите на прозападната опозиција“.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска изјави дека државните органи на Србија подготвуваат „важно писмо за влијанието и мешањето на важна земја во изборниот процес на Србија на најбрутален начин“.

Тоа ќе биде готово до Нова година, а потоа ќе го испратиме до целиот свет за да може да се види како се врши такво мешање во процеси кои суверено припаѓаат на независна земја“, изјави Вучиќ за новинарите во Врбас.

Тој е убеден дека републичките избори ќе бидат завршени до 30 декември, додека градските избори во Белград ќе бидат „малку подоцна“.

„Кога станува збор за градски избори, веројатно, ако листата на Бранимир Несторовиќ не поддржи никого, повторно ќе излеземе на избори, а многу брзо ќе се конституира републичкиот парламент“, нагласи Вучиќ.

Тој денеска изјави дека изборите одржани во неделата биле најчисти и најфер досега и дека никогаш не добил толку многу честитки од странство. За време на обиколката на вијадуктот кај Врбас, Вучиќ и порача на опозицијата сериозно да се подготват за важни локални избори напролет.

„Го почитувам секој глас, речиси 900 илјади гласови на поранешниот режим, но ние добивме 1,8 милиони гласови. Ќе се почитува изборната волја на народот“, рече Вучиќ.

Тој рече дека опозицијата се однесува како дете кое си игра и бара избори во Белград, па повторно избори на сите нивоа.

„Сите знаете дека зборуваат глупости, немаат забелешки на ниту еден записник во Белград бидејќи очекуваа победа. Каде исчезнаа тие 40.000 гласачи од Република Српска, на крајот ги немаше ни 6.000 како во времето кога им даваа двојно државјанство и можност да гласаат“, рече Вучиќ, одговарајќи на новинарско прашање.

Тој додаде дека најдобрата честитка ја добил од францускиот претседател Емануел Макрон, но бидејќи изборите не се претседателски, европските претставници чекаат да заврши целиот изборен процес.