Протоколот не е страшило, невидена ксенофобија во Собранието: Интервју со Владо Бучковски

Барањето за вклучување на Бугарите во уставот е голема придобивка за нас. Со тоа конечно ќе биде урната тезата на бугарските националисти за еден народ во две држави


Со најавите за можен референдум Мицкоски сака да го држи во кондиција вмровското гласачко тело, вели Владо Бучковски

 

Македонија почна да се искачува на европската планина, оценува поранешниот премиер  Владо Бучковски, кој беше и специјален пратеник на Владата за спорот со Бугарија. Во разговор за „Независен“ Бучковски вели дека бил свидетел на многу дебати во нашиот парламент, „но ваква мизерија немам видено.  ВМРО-ДПМНЕ демонстрираше омраза, пред сѐ кон СДСМ, но и кон ДУИ и Албанците воопшто, кон Европа, посебно кон Франција и Германија… кон Западот генерално“. Според него, дискусиите кои биле демонстранција на ксенофобија и неофашизам, му нанеле голема штета на угледот на нашиот парламент, но „уште поголема штета на ВМРО-ДПМНЕ“. Бучковски во интервјуто вели дека со објавувањето на Протоколот се покажало дека тој не е страшило и почива на принципот на реципроцитет. „За мене беше страшна манипулацијата што ја направи опозицијата, но и неколкумина ‘експерти’, околу овој документ“, нагласува Бучковски.

 

Што мислите – дали Македонија падна во бугарска бездна или почна да се искачува на европската планина. Или вистината е некаде помеѓу?

За мене нема дилеми дека почнавме да се искачуваме на европската планина.

 

Протоколот се претставуваше како некакво страшило кое ќе ја кутне Македонија на колена. Особено по информацииите кои доаѓаа од некои бугарски медиуми, а овде се претставуваа како целосни вистини. Дали тој протокол изгледа како страшило? Каде Македонија постигна повеќе отколку што можеби се очекуваше, а каде можеше да направи чекор понапред од она што е договорено?

Протоколот е инструмент согласно чл. 12 од Договорот за пријателство и соработка. Тој, всушност, требаше да претставува записник од годишните средби на Меѓувладината комисија. Вчерашниот записник го опфаќа периодот од 2019 до денес и прави преглед на сработеното во изминатиот период, но и предвидува заеднички обврски – задачи до идната Меѓувладина (догодина).

Со објавувањето на протоколот видливо е дека тој не е страшило! Почива, пред сѐ, на принципот на реципроцитет. За мене беше страшна манипулацијата што ја направи опозицијата, но и неколкумина „експерти“, околу овој документ (за волја на вистината многу им помогна власта… потфрли во поглед на превенцијата, читај транспарентноста).

Компромисот на Французите е калибриран и рафиниран за да може и ние и Бугарите да бидеме ем задоволни, ем незадоволни. Да не заборавиме, првите коментари на претседателот Радев беа дека Французите нам ни даваат бланко чек за јазикот и историјата! Или лидерот на ГДУ, Петар Колев (неформалниот лидер на македонските Бугари) изјави дека Французите им дале „мачка во вреќа“. Но брзо меѓународната заедница (ЕУ преку Макрон, Шолц, Руте, Мишел, Фон дер Лајен, потпомогнати од САД) ја смири бугарската страна, па и тие почнаа да го фалат компромисот и преку ноќ почнаа да даваат поинакви изјави… демек, биле прифатени нивните барања!

Нам со компромисот ни се дава чиста формулација за македонскиот јазик, а на Бугарите им се излезе во пресрет на нивните барања за промена на Уставот. Јас и тука гледам голема придобивка и за нас. Конечно ќе биде урната тезата на бугарските националисти за еден (бугарски) народ во две држави.

 

Има ужасно многу предрасуди кон Бугарите во Македонија, па дури и ксенфобија. Слично е и од другата страна на граница. Ако недовербата стигна до хималајски височини тогаш како во наредните две-три години ќе има заедничко чествување на личности кои нѐ поврзуваат?

Недовербата е на исклучително високо ниво. Ќе треба време и посебни мерки за враќање на довербата. Многу ќе биде важна улогата на академиите, универзитетите, медиумите, невладиниот сектор…

За жал, академиите не се на висина на задачата, а паметиме далеку подобри времиња (во времето на академик Камбовски од МАНУ и академик Воденичаров од БАН, пред само неколку години, имаше демонстрација на вистинско пријателство и меѓусебна почит; се издаваа заеднички зборници и на бугарски и на македонски јазик; интензивно се среќаваа и договараа). Универзитетите, пред сѐ нашиот најголем, УКИМ, мора да даде свој придонес и да ја прифати подадена рака за интензивна соработка со софискиот „Св. Климент Охридски“ (улогата на нашиот ректор Јанкуловски мора да биде на висина на задачата, а да не биде како до сега пасивен).

Медиумите се приказна за себе, но да се надеваме дека и таму има доволно сили за борба за меѓусебно почитување и градење пријателство (викендов имаме позитивен пример за тоа со заедничките дебати и дружење на 30-ина бугарски и македонски новинари во Велико Трново).

Инаку, ако се остави тонот и понатаму да го даваат политичките партии кои се против, ќе биде многу, многу тешко. Националистите од ВМРО-ДПМНЕ и Левица кај нас (што сѐ не кажаа дел од нивните пратеници при дебатата во нашиот парламент минативе неколку дена – демонстрација на ксенофобија и неофашизам на дело), но и Преродба и ВМРО-БНД во Бугарија, ќе се обидат да продолжи трендот.

Ќе треба време и многу работа да се врати довербата меѓу Македонија и Бугарија, оценува Бучковски

Јас сум оптимист дека и кај нас и во Бугарија има сили соодветно да се борат за пријателство во духот на европските вредности и да работат искрено и посветено во пронаоѓањето на канали за напредок во односите помеѓу двете држави и двата народа!

Во невладините има најголем потенцијал за тоа. Клубот за бугарско-македонско пријателство, платформа создадена пред три месеци има амбициозна задача да даде свој придонес на ова поле и да стимулира многу поинтензивна соработка на невладините (видете ја само денес изјавата на еден од основачите на клубот проф. Стефан Дечев).

 

Дали беше очекувано да бидат изречени толку многу клетви, навреди, закани омаловажувања од страна на опозицијата кон нивните политички ривилаи за време на собраниската расправа. Дали е ова „пат без враќање“ во односите меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, и особено ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.

Сум бил свидетел на многу дебати во нашиот парламент во изминативе 31 години (пет години бев пратеник, три години министер, близу две години премиер), но ваква мизерија немам видено. Дел од пратениците на опозицијата демонстрираа ниво кое не доликува на држава членка на НАТО и држава која утре ги започнува преговорите за членство во ЕУ. ВМРО-ДПМНЕ демонстрираше омраза, пред сѐ кон СДСМ, но и кон ДУИ и Албанците воопшто, кон Европа, посебно кон Франција и Германија… кон Западот генерално. Тие нанесоа голема штета на угледот на нашиот парламент, но дефинитивно нанесоа уште поголема штета на ВМРО-ДПМНЕ. Тешко дека некој во Европа, па и кај нас, посакува ваква партија да биде нивен сојузник или партнер.

 

Дали помислувавте во 2005 година, кога Македонија го доби кандидатскиот статус (Вие бевте премиер), дека може да поминат дури 17 години за да ги почнеме преговорите. Може ли вооошто да се измери големината на цената што ја плати досега Македонија и колку тоа го осакати општеството?

Ех, каде бевме по кандидатскиот статус во 2005-та! Ја сонувавме со отворени очи нашата иднина во НАТО и ЕУ!  Не можам до ден денес да прежалам што сѐ изгубивме со промената на власта во 2006. Бевме лидери во регионот, на чекор до полноправно членство во НАТО, заедно со Хрватска и Албанија (очекувано членство во 2008), рамо до рамо со Хрватска на патот кон ЕУ (очекувано членство во 2012). Погрешните политики на ВМРО-ДПМНЕ, најмногу антиквизацијата, нѐ одалечија и од НАТО и од ЕУ, но го загрозија, пред сѐ, нашиот идентитет. Затоа е неверојатно денес ВМРО ДПМНЕ да игра на картата на „кратко паметење“.

За жал, плативме превисока цена, влеговме десетина години подоцна во НАТО, чекавме 17 години да почнеме преговори за членство во ЕУ. Грција во 2006 немаше проблем да влеземе во НАТО со привремената референца БЈРМ, а Бугарија во 2005 со премиерот Сакскобурготски и во 2006 со премиерот Станишев беа нашиот најдобар сосед и најголем поддржувач (и без Договор за пријателство и  соработка).

 

Христијан Мицкоски најавува дека неговата партија од есен ќе почне да собира 150.000 потписи за референдум за францускиот предлог. Може ли да се прави референдум за нешто што е веќе усвоено и поминато, а ќе бидат и почнати преговорите со ЕУ. Прозаично кажано – може ли референдум да се распишува за нешто што треба да важи ретроактивно?

Верувам дека може да собере 150.000 потписи (иако за пописот пред две години немаше успех во тоа), но и самиот знае дека не може да спроведе успешен референдум. Превисок е цензусот од над 900.000 граѓани кои треба да гласаат за да референдумот биде успешен. Второстепено е прашањето за што би се гласало! За францускиот предлог секако не, но евентуално за измените на Уставот.

Според мене, тоа и не му е важно. Тој пред сѐ прави обид да продолжи политичката тензија и во краен случај да се држи во кондиција вмровското гласачко тело. Не исклучувам дека Мицкоски го копира Груевски од 2004 со неуспешниот референдум против новата територијална организација на локалната самоуправа. Груевски знаеше дека референдумот не може да успее, но мобилизираше гласачко тело од 450.000 гласачи. Претпоставувам тоа е калкулацијата и на Мицкоски – да ги преброи своите, но и потенцијално и гласачите на ДОМ и ДС, секако и незадоволните од СДСМ (каква „случајност“, голем дел од овие сдсмовци, сега противници на францускиот предлог, беа незадоволни и во 2006 и го донесоа Груевски на власт).